Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПРОМОВИРАН ОТЧЕТОТ НА ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ АПРИЛ 2013/16
Untitled Document

На пригодна свеченост градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески го промовира Отчетот за сработеното   од тригодишниот мандат за период април 2013 - април 2016 година. Станува збор за издание во кое преку конкретни податоци и вредности на   200 страници  се опфатени дел од реализираните проекти.

Во своето обраќање градоначалникот Бакрачески истакна .     

Денес стоиме гордо и исправено пред Вас- граѓаните на Охрид и охридската јавност, со заветот кој што пред 3 години си го дадовме меѓу нас и пред Вас, дека ќе работиме чесно, одговорно, посветено транспарентно и отчетно. Пред Вас е најсериозниот и најобемниот Отчет, било кога даден од било која локална самоуправа во историјата на Охрид, документиран и евидентиран со статистика и илустрации во публикација од 200 страници. Израз на новиот приод кој почива на постулатите на транспарентност и отчетност, кој оваа локална самоуправа го практикува од првиот ден на својот мандат и од кој не мисли да отстапи. Приод етаблиран од Нас,  а за кој сме цврсто уверени дека ќе биде базичен постулат во работата на сите локални гарнитури во иднина после Нас.  Третата година од мандатот што ми го доверивте, измина со најинтензивната динамика во работата на локалната самоуправа видена до сега, со многу реализирани проекти, подобрување на перфомансите на сите јавни претпријатија основани од Општина Охрид, и сигнификантно подобрување на ефикасноста на  општинската администрација која одговорно и професионално во предвидените рокови ги решаваше потребите на граѓаните. Во услови кога во државата повеќе од 18 месеци трае политичката криза, а која несомнено се одразува на севкупното живеење и работа, успеавме многу од зацртаните проекти да ги реализираме на задоволство на граѓаните на Општина Охрид. Успешно го трасиравме патот за финансиска консолидација на Општината и покажавме дека децениската сага за долгот на Општина Охрид, на подолг рок може да има успешна разрешница. Со посветено и одговорно работење, ја враќаме довербата на охриѓани за поубава иднина на нашиот град. Убедени сме дека во годината што изминува, многуте проекти што ги подготвивме ќе бидат целосно завршени, а Охрид ќе стане многу попријатно и поатрактивно место за живеење. Почитувани, како што повеќе пати сме истакнале , општина Охрид  ја затекнавме во тотален финансиски хаос, на работ на банкрот. Со искрен и чесен приод, домаќинско работење и  максимално искористување на сите човечки ресурси  во период од 4 прил 2013 до 05 март 2016 Општина Охрид исплатила 843.084.368 денари од обврските по сите основи, а  вкупниот долг денес е намален за над 567 милиони денари. Драги сограѓани, дозволете ми да го изразам моето задоволство, што и во изминатата година продолживме со подеднаков однос кон сите делови од градот и приградските населби во подобрување на инфраструктурата и задоволување на потребите на граѓаните. Темпото на реконструкција и изградба на нови патишта, улици и плоштади и во оваа година продолжи во сите урбани и месни заедници.  Добрата соработка со Владата на Република Македонија, резултира со реконструирање на патните правци Елешац- Елшани, Охрид-Велестово и патниот правец Вапила – Ливоишта. Особено би ги истакнал големите инфраструктурни зафати со изградбата на кружните текови на булеварот „Туристичка“, 5 на број, целосно реновираната улица „Питу Гули“, улицата „Илија Смически“ во селото Лескоец, улиците Миќа Гилиќ, Сатеска и Трајче Трајчески во населба Далјан, со што фрекфентноста, протокот и безбедноста на сообраќајот значително ќе се подобри. Проектот за модернизација на јавното осветлување на територијата на Охрид е меѓу најзначајните коишто охридската локална самоуправа ги реализира во 2015 година. Согласно договорот за јавно -приватно партнерство помеѓу Општина Охрид и чешката фирма „ИЦС Системи“, на територијата на Општина Охрид поставени се 7872 улични лед светилки, а во стариот дел на градот 461 автентични фенери, нешто што ги оживеа убавите спомени на Охрид од минатото, а скро сите позначајни културно – историски знаменитости добија нова современа илуминација. На неколку зони во градот е поставена дополнителна нова мрежа на улично осветлување која е дел од 620-те сијалични места кои ги обезбедивме со договорот.  Вкупната вредност на оваа инвестиција изнесува над 3.506.000 евра и инвестицијата ќе се зголемува во иднина.

Почитувани во инфраструктурни проекти вложивме 179 милиони 166 илјади и 332 денари во реконструкција, санација и одржување на улици, со вкупна асфалтирана површина од 130.860 метри квадратни. Изградивме нови линии за атмосферска и фекална канализација во должина од 12.570 метри, во вредност од 89 милиони 681 илјада и 970 денари. Завршени се сите административни формалности и наскоро ќе отпочнат со изградба трите големи проекти од суштинско значење за животот во Охрид– затворен пазар, нова автобуска станица, и дом за стари лица. Културата како една од најзначајните области и препазнатлив белег на Охрид и во оваа година беше во врвот на нашите приоритети. Го вративме вистинскиот сјај на највисокото општинско признание, наградата „Св.Климент Охридски“. Континуирано ги поддржуваме „Охридско Лето“ Балканскиот фестивал “Прличевите беседи“, Интернациналниот хорски фестивал, Вечерта на Живко Чинго, а Богојавление Водици оваа година со целосна организација на локалната самоуправа го имаше своето најблескаво издание. Образованието и социјалната политика и понатака остануваат во врвот на  нашите приоритети за развојот на локалната заедница. Досега реализирани се десетици проекти за кои се издвоени 13.292.578 денари, а посебно би го истакнал проектот за изградба на Центар за лица со посебни потреби. Во соработка со Министерството за труд и социјална политика, ја продолживме практиката на отворање градинки во посебни просторни услови. После Лескоец, Велгошти и Радојца Новичиќ, конечно и Пештани се здоби со нови простории за најмладите во ОУ „Св.Наум Охридски“, како истурен дел на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“. Локалната самоуправа и оваа година доделува парична помош за секое прво и второродено дете во Охридската болница, која до овој момент изнесува 4 милиони 384 илјади и 180 денари. Исплативме 3 милиони 683 илјади за опожарени домови или поплавени куќи на наши сограѓани, а 536 семејства ја користат субвенцијата за комунални давачки во висина од 600 денари. Во образованието вложивме 29 милиони 928 илјади 718 денари, реализирајќи 14 големи проекти. Продолживме да  ги стипендираме талентираните ученици и студенти,а во однос на минатата учебна година кога за оваа намена беа доделени 626.500 денари, годинава издвоивме 1.174.500 денари или 94% повеќе парични средства, а го зголемивме и бројот на ученици и студенти - стипендисти.

Сферата во која несебично, секојдневно, со максимална енергија и знаење се вложува секој од вработените во локалната самоуправа, е економскиот и туристичкиот развој на Охрид.Во изминативе три години Секторот за ТЛЕР аплицираше и доби  35 проекти во вкупна вредност од 1 милион и 29 илјади 204 евра. Стратегијата која ја спроведуваме во привлекувањето странски туристи, ги дава очекуваните резултати. Издвоивме буџетски средства од 24 милиони денари, со кои ги субвенционираме редовните авиолинии кои од јули минатата година функционираат на релацијата Охрид – Лондон. Со помош на Владата на РМ ја имаме  и директната линија Охрид –Базел. Од јуни оваа година ќе биде воспоставена и линијата Охрид – Белград. Секторот за туризам и локален економски развој, максимално ги користи можностите кои ги даваат европските

фондови, а во моментов изготвени се три апликации за инфраструктурни проекти за подобрување на туристичката понуда. До јуни оваа година ќе заврши и последната трета фаза од изградбата на пешачка патека до Горица, што заедно со новата патека покрај каналот Студенчишта се до Билјанини Извори и реконструкцијата на кејот „Македонија“, ќе претставува  нова атрактивна целина и за гостите и за охриѓани. Продолживме Охрид да го презентираме во странските метрополи и престижни саеми за туризам. Сите овие активности, заедно со мерките кои Владата на Република Македонија ги одреди за субвенции во привлекувањето на странските гости, придонесоа значително да се зголеми бројот на странските посетители и остварени ноќевања во хотелските и апартмански капацитети на охридското крајбрежје. Често на моите соработници им велам дека не се сомневам во реализација на сите ветени проекти пред граѓанитие на Охрид. За мене како градоначалник врвен приоритет е отворање на нови работни места за охриѓани.  Се радувам на секое ново работно место во рамки на охридска компанија и силно го поддржувам истото. Затоа посебно ме радува што капацитетите на „ОДВ Електрик“ постојано се прошируваат, а се поголем број на охриѓани се вработуваат во оваа компанија, додека ”Костал” е ги прави завршните припреми за отпочување со производство. Спортот во Охрид ја доживува својата ренесанса а СРЦ Билјанини Извори како никогаш до сега е секојдневно полн со спортисти и вљубеници во спортот. Драги сограѓани, по тригодишното  инвестирање во спортската инфраструктура и спортските клубови во висина од 12 милиони 876 илјади и 400 денари, ќе го имаме задоволството да гледаме разигрување за титулата во националното првенство и можност за европски натпреварувања,во најпопуларниот спорт во Охрид - ракометот. Наредната година, Охрид ќе има претставник и во најелитното кошаркарско натпреварување. Но, она што ни предизвикува посебно задоволство е започнувањето на израдбата на затворен базен, инвестиција вредна над 5 милиони евра, со што го исполнуваме заветот на охридските пливачки легенди и реална можност, пливањето повторно да стане најпрепознатлив белег на охридскиот спорт. Ве поканувам сите да го погледнете најголемиот, најобемниот и најсериозниот отчет во историјата на Охрид, кој е одраз на нашите напори за исполување на обврската која ние ја имаме кон граѓаните на Охрид, кон нашите деца и генерациите кои доаѓаат. Драги охриѓани, продолжуваме со несмален интензитет, посветеност и ентузијазам да го градиме Охрид. Ние чекориме напред и само напред, во еден здив и без застанување. Дозволете да опстанеме на нашето ВЕТУВАЊЕ цврсто, достоинствено и без колебање за Охрид кој не може да застане – рече градоначалникот Бакрачески.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1378  пати
Објавено на: 04.04.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©