Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ЧЕСТВУВАЊЕ ЗА ЖИВКО ЧИНГО
Untitled Document

Во  селото Велгошти, синоќа  во атарот на црквата „ Св. Петка“ , се одржа годинашното издание на културната манифестација „ Вечер на Живко Чинго“. На манифестацијата, што се организира со поддршка на општина Охрид, со пригодна програма беше одбележана  80 годишнината од раѓањето на Живко Чинго, еден од најбележитите  горостаси на современата македонска литература.

-Чест е вечерва да се биде дел од оваа манифестација посветена на Живко Чинго, еден од најбележитите автори во современата македонска литература. Сите ние почитувачите на неговото дело, се собравме овде, во близината на храмот „Св. Петка “ , во еден од најубавите делови на неговата „Пасквелија“, за да му ја оддадеме должната почит за се она што како трајна и вонвременска вредност и го подари на македонската и светската книжевност.

Оваа вечер е посебна, зошто со нашето собирање и пригодната програма на достоинствен начин ја одбележуваме и осумдесет годишнината од раѓањето на големиот Живко Чинго. Прерано не напушти од овој свет, но ни остави творештво, на  кое верно  и искрено ќе се радуваме не само ние, туку и генерациите по нас.    

Оргиналноста и сугестивноста на прозата на Живко Чинго ја определува , пред се , уметноста на неговото раскажување, велат неговите пријатели по перо и неговите современици. Додаваат дека неговата раскажувачка дарба е огромна, а расказите делуваат како да се напишани во еден здив.Во нив се препознава раскажувачкиот дух од легендите,преданијата и приказните, кој се вкрстува со сугестивна мистика и добива ретки и возбудливи димензии.Сето тоа, на прозата на Живко Чинго и втиснува печат на сугестивна поетска слика која е  длабоко емотивна и полна со чудесна творечка енергија.
Оние што добро го познавале  и се дружеле со Живко Чинго, се сеќаваат за неговата нераскинлива врска со Велгошти, за шегобијните велгошки приказни, за интересот за луѓето што имале мака и за неговиот народски дух. Тие приказни на велгоштани за дружењето  со Живко Чинго се прераскажуваат од колено до колено и стануваат нераскинлив дел од времеписот на Велгошти.

Вечерашното чествување  и одбележување на 80 годишнината од раѓањето на големиот раскажувач Живко Чинго, нека биде наш придонес во  продолжувањето на богатиот времепис  на еден од столбовите на современата македонска литература- рече во пригодното обраќање градоначалникот Никола Бакрачески.

 

На манифестацијата по повод 80 годишнината од раѓањето на Живко Чинго, беседа одржа  академик Милан  Ѓурчинов. „ Таквата и чиста душевност многумина  од јунаците  на Чинго ја признаваат  како единсвено  вистинска незаменлива вредност, бидејќи никакви  богатства  не можат  да ја повратат човештината .Кога ќе се изгуби она човечкото, сето останато е лук и вода“ – рече академикот Милан Ѓурчинов . Тој додаде дека  постхумно читајќи ги објавените книги на Чинго , често помислуваме на Кафка или Орвел.

На чествувањето, градоначалникот Никола Бакрачески,  на  Димитар Димоски од Охрид  му  ја  врачи  наградата  „Живко Чинго“ за најдобар кус расказ, која во конкуренција на 73 раскази, ја освои на годинашниов анонимен конкурс што традиционално го распишува општина Охрид.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1320  пати
Објавено на: 14.08.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©