Во саботата вечерта во Трпејца на свечен начин и со огномет беше отворена второто Културно – забавно лето НА ЗАЈДИСОНЦЕ. Организатор на манифестацијата е Здружението за промоција и развој „За Трпејца со љубов“ поддржано од месната заедница и под покровителство на Општина Охрид.
„Не радуваат ваквите инцијативи за развој и промоција на културата и културниот и алтернативниот туризам и Општина Охрид секогаш ќе ги помага сличните инцијативи кои во себе ги содржат елементите на креативност и едукатиивност. „На зајдисонце “ во Трпејца е вистински погодок кој ја збогатува понуда на селото и со тоа високо го рангира во културната понуда на Охрид и регионот, рече советникот во Советот на Општина Охрид – Ангел Јанев кој ги поздрави присутните гости, организаторите и учесниците во име на градоначалникот Никола Бакрачески.
„Почитувани гости, драги вљубеници во неповторливата, една и единствена ТРПЕЈЦА на светот, драги наши трпејчани. Лани манифестација ги освои симпатиите на сите нас и посебно на гостите, како што тоа го прават бисерните плажи, синилото и бистрината на езерските води, гостопримството на домаќините и неповторливите зајдисонца во Трпејца. Лани на ист датум се запишавме во историјата на културните настани, а годинава правиме нов чекор.Се надеваме уште поголем и уште поуспешен,“ рече Милчо Јованоски член на здружението и негов портпарол кому му припадна честа да го отвори културно – забавното лето НА ЗАЈДИСОНЦЕ – 2013 г.
Трпејчани и гостите под ведро небо на отворањето уживаа во настапот на ансамблот „Билјана“. Момците предводени од хармоникашот Јован Поп Стефанија изведоа песни снимени на нивното прво ЦД а потоа речиси до полноќ ги забавуваа гостите со познати староградски рефрени кои крај езерото и медитеранскиот дух се вклопија во преубавиот амбиент на Трпејца.
Претходно беше отворена изложба на слики од Мајкл Клос од Канада,а саботата утрото се одржа кајакарска регата со членови на КК „Рибар“ од Трпејца која од годинава го носи името на основачот и тренер на клубот – покојниот Номче Митрески.
Вчера старите рибари Митре Маркоски и Јордан Новески пред туристите на плажата во Трпејца кажуваа „Рибарски вистини“ и ги запознаваа со стариот риболовен алат со кој се ловело некогаш. Следуваше натпреварот во фаќање риба на јадица,а од уловената риба малите рибари заедно со организаторите и судиите зготвија вкусна чорба од риба. Голем интерес кај децата предизвика школата за пливање која и годинава е под водство на искусниот тренер и некогашан пливач Соња Думбалоска – Делова. Вчеравечер започна и школата за шах во организација на шаховскиот клуб „Ласкер“ од Охрид. Мошне атрактивно делуваше вечерната променада „Со кајче по езерото“. Браќата Димитар и Филип Гавриловски ученици во ОМУ „Методи Патче“ со изведбите на класична музика на виолина и хармоника ги измамија аплаузите на туристите и гостите кои беа отседнале во неколкуте ресторани во Трпејца лоцирани на брегот и веднаш потоа на мини концертот на летната сцена Кај бунрот.
Денеска, понеделник на програмата на културно – забавното лето „На зајдисонце“ се школите за пливање и шах. Централен настан од 20, 30 часот е Омажот за покојниот ликовен уметник Димитар Кондовски. Човекот кој прв од уметниците им ја откри Трпејца на луѓето од негов ков . По повд 20 годишнината од неговата смрт ќе биде прикажан ТВ портретот посветен за него, своевремено снимен за Македонската телевизија, а веднаш потоа ќе биде отворена изложбата на фотографии дело на неговиот син Филип Кондовски.
Извор: www.ohrid.gov.mk |