По повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, градоначалникот Никола Бакрачески упати честитка до сите Македонци и граѓани на Република Македонија.
- Славејќи го и одбележувајќи го 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, и денес после 123 години со нескриена восхит се сеќаваме на младите, храбри и одважни луѓе: Христо Татарчев, Дамјан Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев, кои го поставија темелникот на сите слободарски борби на македонскиот народ. Слободарските идеали, храброста и пожртвуваноста, патриотизмот и херојството на македонскиот народ, преку Илинден од 1903, 11 Октомври од 1941, Илинден од 1944 и 8 Септември 1991 ќе бидат целосни, со прогласувањето на независноста и самостојноста на Република Македонија. Денес кога ги славиме херојствата на нашите претци, нашата генерација има обврска да продолжи по нивниот пат и да ја чува слободна, суверена и независна нашата Татковина. Делата на нашите претци се нашиот културен код, идентитет и самосвест и сигурен патоказ за нашата извесна иднина. Токму затоа вечна да е славата на нашите народни трибуни, борци и револуционери!
Да ни е честит 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба! – стои во честитката на градоначалникот Никола Бакрачески.
Извор: www.ohrid.gov.mk |