Во организација на Националната агенција за европски образовни програми и
мобилност и општина Охрид, денеска се одржа инфо- ден како дел од
новата промотивна кампања за користење средства од програмата „ Еразмус
плус“ .Претставниците од Локалната самоуправа, образовните институции,
невладиниот сектор и спортските клубови и асоцијации беа запознати со
можностите што ги нуди програмата на Европската унија за образование, обука,
млади и спорт „ Еразмус плус“ и за начините за аплицирање и користење
финансиска поддршка за разни проекти.
-Во името на Локалната самоуправа изразувам благодарност до
претставниците на Националната агенција за европски образовни програми и
мобилност кои дојдоа во Охрид , директно да ги запознаат заинтересираните
институции како можат да користат средства од програмата „ Еразмус плус“ .
Некои од нашите образовни институции аплицираа со проекти и користеа
средства од оваа програма, но тоа е малку во споредба со она што го
нуди програмата. Затоа ги охрабрувам и другите субјекти да аплицираат, зошто
очигледно е дека има доволно средства, но недостасуваат добри проекти-
рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Целта на програмата, како што беше речено на презентацијата, е да се
зајакнат вештините и можностите за вработување, модернизација на
образованието, обука и младинска работа, како и обезбедување на услови
за стекнување нови искуства.
-Програмата „ Еразмус плус“ им нуди на заинтересираните да
партиципираат во програми во други држави за учење, работа, да
посетуваат предавања или да се обучуваат и развиваат професионални
вештини и компетиции.За оваа година за Република Македонија беа одобрени 3,7
милиони евра, а за 2016 година очекуваме преку оваа програма да се одобрат
4,7 милиони евра- рече Снежана Симоноска од Секторот за млади при
Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
На презентацијата беа охрабрени сите учесници да земат директно
учество во трите клучни акции наменети за учењето преку индивидуални
мобилности, соработка за иновации и размена на добри практики, како и
поддршка на реформата на политиките кои ги покриваат сите типови активности.
Извор: www.ohrid.gov.mk |