Претседателот на Советот на Општина Охрид Гордана Коњановска, денеска оствари средба со уредници на програмите од Дојче Веле, кои деновиве престојуваат во Охрид. На средбата новинарите пројавија најголем интерес за богатото природно и културно наследство на Охрид, туризмот и европските перспективи на Охрид. Претседателот Коњановска, гостите ги запозна со основните податоци за нашиот град и идните планови и заложби на локалната самоуправа за развојот на градот.
Одговорниот уредник на 30 редакции на Дојче Веле, Уте Шифер, се интересираше за вклученоста на Охрид во европски проекти и европските перспективи на градот, а уредничката Верица Спасовска за застапеноста на германските туристи на Охридското крајбрежје. Коњановска посочи дека Охрид и регионот во последниве 15-тина години, се вклучени во повеќе меѓународни и прекугранични проекти, посебно од областа на заштитата на природата и културното и историско наследство.
Во однос на бројот на германските туристи, беше истакното дека Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и локалната самоуправа, прават конкретни чекори за организирано привлекување на гости од Германија кои во минатото беа застапени со значителен процент во вкупниот број посетители на нашиот град.
Коњановска ја искористи приликата и ги повика новинарите, тие самите со своите записи,преку Дојче Веле да бидат промотори на Охрид во Европа и светот, на што реакцијата беше дека тоа со задоволстово ќе биде направено. Во организација на Општина Охрид, за новинарите беше организирано туристичко разгледување на градот и околината.
Извор: www.ohrid.gov.mk |