Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СО БОЖИЌНА ПЕСНА МЛАДИТЕ ОХРИЃАНЧИЊА ГО НАЈАВИЈА ХРИСТОВОТО РАЃАЊЕ
Untitled Document

По четврти пат, денес, децата пеејќи ја песната Вечниот бог низ охридските улици го најавија Христовото раѓање. Во годинешната Бадникова литија, учествуваа повеќе од 300 деца кои со ѕвезди, фенерчиња и ѕвончиња, рано утринава тргнаа од црквата „Св. Ѓорги“, па преку улиците „Јане Сандански“ и „Кеј Македонија“ стигнаа до Градскиот плоштад каде беа пречекани од претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска, по што децата коледарчиња беа дарувани со пакетчиња.

- На наше големо задоволство, и оваа година по четврти пат сме дел од старо – новата традиција, Христовото раѓање да се навестува преку една прекрасна религиска песна Вечниот бој и со организирање на една литија во која што малите дечиња пеејќи ја оваа песна на најавтентичен начин го навестуваат Христовото раѓање кое што треба да се случи утре. Се разбира, општина Охрид го живее животот на своите граѓани, Божиќ е еден значаен празник за најголем дел од жителите на овој град и ние со големо задоволство сме дел од одбележувањето на празникот  и со уште поголемо задоволство сме дел од литијата и учеството на најмалите наши граѓани во најавата на Христовото раѓање, со тоа што сме тука да ги пречекаме кога ќе пристигнат да им поделиме подароци, истакна претседателката на Советот на општина Охрид, Гордана Коњановска.

Претставникот на организаторите на Бадниковата литија, Летка Филипова, изрази задоволство што снегот и ладното време, не ги спречи децата да учествуваат во поворката.

Манифестацијата заврши со ручек, за децата од поворката, во црквата „Св. Богородица – Каменско“. Во чест на Христовото раѓање Божиќ, на градскиот плоштад е поставена макета на пештерата која го наговестува денот на христовото раѓање, изработена од монахињите од манастирот Св.Ѓорѓи Победоносец од Рајчица.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1351  пати
Објавено на: 06.01.17
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©