Во пресрет на одбележувањето на Денот на Охридското Езеро – 21 јуни, денес со одржаа повеќе активности со кои ќе се придонесе во заштитата, унапредување и валоризација на природните и туристички вредности на Македонскиот езерски бисер.
Во координација со Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХРМ), денес беше пуштена во употреба новата хидролошка станица со електронски дисплеј за отчитување на податоци во однос на водостојот, температурата на водата и воздухот и електронски часовник. За значењето на новата хидролошка станица од името на УХРМ зборуваше м-р Васко Стојов, а во името на општина Охрид, се обрати заменик градоначалникот Ангел Јанев. Во името на Билатеријалниот секретаријат за заштита на Охридското езеро обраќање имаше Дејан Паноски.
Проектот е помогнат од Германското друштво за меѓународна соработка, а покрај прикажувањето на податоците во реално време, со онлајн врска станицата ќе биде поврзана со УХРМ.
Во просториите на општина Охрид, беше потпишан Меморандум за разбирање помеѓу Општина Охрид и Туристичкиот кластер – ЕДЕН, со кој се предвидува соработка за развој и промоција на туристичката индустрија, размена на информации од заеднички интерес, заедничко организирање на манифестации од посебно значење за туризмот во Охрид, соработка во креирањето на политики и стратегија за развој на туризмот, координиран настап во процесот на подготовка, аплицирање и имплементација на проекти и вмрежување во насока на унапредување на туризмот во поширокиот Охридски регион. Меморандумот беше потпишан од раководителот на Секторот за ТЛЕР, Ѓоко Апостолов и Александар Јованоски, извршен координатор на Туристичкиот кластер – ЕДЕН.
Веднаш потоа следеше прес конференција на која беа презентирани активностите за 21 јуни. Како најатрактивни се издвојуваат: Рекреативната велосипедска трка околу езерото, еко патролата за собирање на смет од Градска плажа, Студенчишко блато, Лагадин, Трпејца и Љубаништа. Како новина оваа година ќе бидат ЈОГА вежбите и медитација, со порака за мир и ненасилство. Одбележувањето на Денот на Охридското Езеро ќе заврши во попладневните часови со закуска од Охридско ѓомлезе.
Извор: www.ohrid.gov.mk |