На иницијатива на градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска во
зградата на општина Охрид се одржа координативен состанок со сите надлежни
служби и субјекти со цел побрзо наоѓање на двете исчезнати лица Климе
Фармакоски од Охрид и Ристе Алексиески од Дебарца.
На средбата со која заседаваше градоначалникот Бакрачески присуствуваа
градоначалникот на Дебарца , Игор Трајкоски, претставници на Општинскиот
штаб за заштита и спасување, директори на охридските јавни претпријатија ,
претставници од Територијалната противпожарна единица, од
Министерствата за внатрешни работи и за одбрана, членови од Црвен
Крст- Охрид, од Центарот за управување со кризи, претставници од
Дирекцијата за заштита и спасување, од Националниот парк „Галичица“,
планинари и извидници како и членови од семејствата на исчезнатите лица.
Од страна на градоначалникот Бакрачески беше побарано максимално учество на
сите надлежни служби и субјекти во потрагата, меѓусебно
координирање и разменување на информации на дневна основа со цел побрзо
наоѓање на исчезнатите лица.
На состанокот беше заклучено дека заедничката организирана
потрага ќе стартува денес. Истата ќе ја води Антоние Додески од Црвен Крст
кој е обучен за интервенции и спасување на планини и непристапни терени во
координација со Општинскиот штаб за координација и заштита, МВР и
останатите служби. Општина Охрид за учесниците во потрагата ќе го обезбеди
потребното количество храна и вода. Јавните претпријатија, ТППЕ, Црвен
Крст – Охрид, НП „Галичица“ и алпинистите ќе се вклучат во потрагата со
педесеттина лица. Армијата на Република Македонија ангажира дополнителни
педесет луѓе теренски возила и кучиња трагачи а полицијата 8 лица и две
теренски возила.
Климе Фармакоски (64) од охридското село Рача од најблиските беше пријавен
за исчезнат на 16 јуни годинава. Последен пат е виден во месноста „Крстец“
во атарот на селото Велестово на планината Галичица каде заминал да собира
чај. Изминативе денови по него трагаше полицијата во содејство со
Единицата за интервенции и спасување на планини и непристапни терени при
Црвениот крст од Охрид како и со месното население од селото Рача.
Исчезнатиот Ристе Алексиески( 48) од село Мешеишта- Дебарца на 3 јуни
годинава заминал да бере печурки . Излегол од дома и се упатил на автопатот
Охрид – Скопје, во делот од селото Мешеишта, кон селото Климештани. Последен
пат е виден во 12.30 часот покрај автопатот меѓу двете села. По Алексиески
изминатиов период трагаа полицијата, и Единицата за интервенции и спасување
на планини и непристапни терени при Црвен Крст – Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |