По повод Европската недела на мобилност, која оваа година се одржува под
мотото „Избери,промени,комбинирај“, Општина Охрид утре 22септември
(вторник) го прогласи за Ден без автомобили. Одбележувањето на Денот без
автомобили ќе започне во 10 часот и 30 минути со собирање на
учесниците пред зградата на Општина Охрид, ќе настапи хорот од ОУ „
Христо Узунов“ , а потоа ќе се обрати градоначалникот Никола Бакрачески .
За таа цел во соработка со СВР- Охрид за сообраќај ќе бидат затворени
неколку фреквентни сообраќајници и тие се резервираат за велосипедисти и
пешаци. Во перидот од 11до 13 часот за сообраќај ќе бидат затворени
улиците „Димитар Влахов“, „Кузман Јосифовски“ од пресекот со „Димитар
Влахов“ до пресекот со „Партизанска“ , „Партизанска“ од пресекот со „Кузман
Јосифовски“ до пресекот со „Јане Сандански“ и дел од „Јане Сандански“ од
пресекот со „Партизанска“ до пресекот со „Димитар Влахов“.
Општина Охрид ги повикува граѓаните масовно да се вклучат во оваа акција и
барем еден ден во годината на работа да дојдат без автомобили.
Утре, оставете го автомобилот дома и уживајте во возење велосипед или
пешачење, знаејќи дека ќе го направте вистинскиот потег за зачувување на
чистиот воздух и чистата животна средина.