Паркинг-просторот и улиците во центарот на градот се слободни за движење, откако утрово беа тргнати поставените рампи кои го спречуваа нормалното функционирање на сообраќајот во најспецифичниот простор во градот.
Како што претходно најави Градоначалникот Бакрачески, просторот за паркирање во центарот на градот и околните улици ќе биде слободен за движење, а Договорот за закуп на паркинг просторот ќе биде раскинат, затоа што е штетен за општина Охрид, граѓаните и сите оние кои го користат просорот на тој дел од градот. Со ова се реализира првиот сегмент од ветувањето на Градоначалникот Бакрачески за елиминирање на сите затекнати дубиози во функционирањето на локалната самоуправа. Компромис нема да има со никого, кога се работи за спроведување на законот и штитење на интересите на граѓаните на Охрид.
Во текот на утрешниот дел, од страна на општина Охрид ќе бидат превземени градежни зафати за отстранување на бетонираните пречки на кои беа поставени паркин-апаратите.
Давањето на управување на паркинг-просторот на приватен субјект за локалната самоуправа претставува штетен договор, донесен под сомнителни околности, во една нетранспарентна постапка и истиот претставува акт на нарушување на интересите на општина Охрид и нејзините граѓани. Затоа, општина Охрид ќе ги превземе сите законски средства да го раскине овој штетен договор.
Локалната самоуправа останува на ставот дека за сите лица инволвирани во потпишувањето на договорот кои со своите постапки свесно направиле злоупотреба на својата позиција, правејќи штета по имотот и угледот на општина Охрид, ќе бара санкционирање на нивниот таков однос.
Извор: www.ohrid.gov.mk |