Во пресрет на летната туристичка сезона денес, во просториите на Секторот
за туризам и локален економски развој се одржа координативен состанок со
инспекциските служби. На состанокот што го водеше секретарот на општина
Охрид, Димитар Спасески беа присутни претставници од општинскиот
инспекторат, пазарната инспекција, управата за јавни приходи, СВР Охрид како
и претставник од сообраќајната полиција. Целта на состанокот беше да се
направи координација на активностите кои ќе се превземаат во текот на
летната сезона.
На состанокот беа разгледувани проблемите со дивите станоиздавачи,
нелиценцираните туристички водичи, дивите такси превозници, како и другите
нотирани недостатоци кои постоеле во минатата сезона. Пред два дена
Секторот за туризам и локален економски развој одржа состанок со легалните
станоиздавачи, на кој се констатира дека за нив најголем проблем се дивите
посредувачи на туристи народски кажано „точак агенции“. Во насока на
елиминирање на проблемите оваа година седум лица од Секторот за туризам и
локален економски развој, распоредени во три групи ќе бидат ангажирани како
туристички контролори кои ќе работат во три смени, а ќе работат и за време
на викендите. Со нивниот ангажман се очекува бројот на дивите станоиздавачи,
дивите посредувачи на туристи и нелиценцираните туристички водичи значително
да се намали.
Во координација со пазарната инспекција ќе се вршат засилени контроли за
почитувањето на работното време на угостителските објекти и за нивото на
бучавост, а доколку се констатира пречекорувања ќе следат санкции.
Општинскиот инспекторат во соработка со УЈП ќе ги проверуваат податоците за
времените објекти со што се очекува полесно разоткривање на нелегално
поставените времени објекти и нивно отстранување.
Од сообраќајниот инспекторат информираа дека поради контролите кои ги
спроведуваат, бројот на диви такси превозници е значително намален, а
легалните такси превозници ја почитуваат одлуката за видно истакнување на
ценовникот. Ваквите контроли ќе продолжат и во наредниот период поради
зголемената фрекфенција на луѓе.
Во наредниот период ќе следат контроли на плажите кои се издадени под
концесија за да се утврди дали концесионерите се придржуваат кон договорите
за поставување на 60 одсто со и 40 одсто без лежалки.
Оваа година се очекува наплатата за туристичка такса да се зголеми, а за тоа
ќе придонесат мерката за субвенционирање на туристичка такса, која за прв
пат се воведуваа оваа година и координираните инспекциски контроли кои ќе се
спроведуваат.
Одржувањето на ваквите координативни состаноци со инспекциските служби
надлежни за Охрид, како практика, започна да се применува од лани и бидејќи
се покажа како успешна ќе продолжи да се практикува и во иднина.
Извор: www.ohrid.gov.mk |