Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОПШТИНА ОХРИД ОД СРЦЕ ЗА СРБИЈА И БОСНА
Untitled Document

Под мотото “Охрид од срце за Србија и Босна“,  Општина Охрид  заедно со  Црвен Крст  денес   ја започнаа хуманитарната акција   за   собирање на најнеопходните средства   што во моментов се потребни за населението во Србија и Босна  и Херцеговина кои се соочуваат со елементарна непогода- поплави.
Од утрово   два собирни пункта  се отворени  во седиштето на Црвен Крст   и во магацинот на организацијата  кај влезот на новата автобуска станица. Собирни пунктови  се поставени и по поголемите маркети во градов , ТИНЕКС , ДОН, СТОП ШОП ТАМАРО И КАМ. Во сите нив видно се обележани корпи во  кои што граѓаните ќе може да  ги донираат потребните средства, конзервирана и трајна храна, бебешки артикли, вода,  ќебиња,нова облека и обувки.


Градоначалникот Никола Бакрачески денес   на прес конференција,  јавно ги повика  граѓаните на Охрид  што помасовно да се вклучат во акцијата за помош на загрозените семејства од Србија и Босна и Херцеговина.
-          Секој на свој начин  во рамки на своите можности  нека се  приклучи  кон оваа хумана акција. Јас знам и уверен сум дека граѓаните на Охрид во масовен број и овој пат ќе ја покажат својата хуманост и солидарност и ќе помогнат на нашите братски народи од  Србија и Босна и Херцеговина. Охриѓани може да донираат  финансиски средства на жиро сметката која ја истакна Црвениот  Крст од Охрид или по 100 денари да донираат со едно  вртење   на телефонскиот   број 143 400 на сите мобилни оператори.  Може да се донираат  прехранбени артикли, сретства за хигиена или бебешки производи, ќебиња, нова облека и обувки , рече Градоначалникот Бакрачески, кој истакна дека и Локалната Самоуправа  со хуманитарни пакети и целосна логистичка поддршка ќе се вклучи во оваа хуманитарна акција.
-          За таа цел во текот на утрешниот ден итно ќе заседаваат комисиите на Советот на град Охрид  по што  ќе се одвои одредена сума на финансиски средства со кои што планираме да донираме преку 300  хуманитарни пакети.  Тие ќе содржат  прехранбени производи, бебешки артикли , средства за хигиена. Локалната самоуправа во координација со Црвениот  Крст од Охрид  ќе даде секаква логистичка поддршка  која ќе се состои во луѓе и во возила кои што ќе помогнат за собирање на хуманитарните пратки од собирните пунктови и секако нивно  транспортирање до  соодветните дестинации во двете земји кои се соочуваат со поплави, истакна градоначалникот Бакрачески       
 Претседателот  на Црвен Крст Охрид , Сашо Точко се заблагодари на  Градоначалникот и Општина  Охрид за партнерството и  активното учество во оваа хуманитарна собирна акција.  
-          Од огромно значење и помош е поддршката што ја добиваме од Градоначалникот и Локалната самоуправа. Денес  се покажа  дека стартот на акцијата е повеќе од успешна.  Охриѓани масовно донираат средства  на собирните пунктови, активно се јавуваат и на  посочениот телефонски број 143 400, потенцира Точко.
 
Собирните пунктови на кои Охриѓани ќе донираат средства за граѓаните на Србија и Босна и Херцеговина ќе бидат отворени секој ден од 10 до 18 часот, до моментот додека нашите блиски народи имаат потреба од помош.

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1357  пати
Објавено на: 18.05.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©