Синоќа во Охрид беше отворен фестивалот на Вино и сирење. На повеќе штандови на плоштадот кај Чинарот, вкупно четиринаесет излагачи изложија квалитетни домашни вина, сирења и други традиционални прехрамбени производи. Македонски винарски визби, млекарници и индивидуални производители на сирењe, се дел од овогодинешниот фестивал .На чинот на отворање бројните посетители ги поздрави заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев.
- Во склад со активностите и Програмата на Општина Охрид, Секторот за Туризам и локален економски развој и оваа година, како и изминатите ја продолжува традицијата на одржување на Фестивалот на вино и сирење. Сакам од мое лично и од име на градоначалникот на Општина Охрид, Никола Бакрачески на Вас излагачи, претставници на македонските винарски визби, млекарници и индивидуални производители на сирење да Ви посакам успешна презентација на Вашите производи. Учеството на овој Фестивал значи зголемен обем на продажба и заработувачка, а за посетителите можност за запознавање со производите и вкусовите на домашните вина и сирења и прилика за дружење, а за градот Охрид уште еден значаен настан кој придонесува за продолжување на туристичката сезона. Нека во деновите на Фестивалот взаемно се споделуваат вкусовите на домашните вина и сирења , а посетителите со дегустација да ги почувствуваат вкусовите – рече Јанев.
Во рамки на дводневната манифестација, покрај можноста да вкусат добро вино и сирење, посетителите ќе уживаат и во културно – уметничка програма.
Извор: www.ohrid.gov.mk |