Во периодот од 14-18 март оваа година, наставници од ОУ ,, Григор Прличев", предводени од директорката Силвија Мојсовска го посетија ОУ ,, Песница" во градот Марибор, Република Словенија. Оваа средба е од меѓународен карактер и беше организирана од ОУ ,, Песница" за соработка со училиштата ОУ ,, Григор Прличев" ОУ ,, Јован Поповиќ" од Белград и истоименото училиште од Крушевац, Република Србија.
Во рамките на оваа едукативна посета , наставниците имаа можност да ги согледаат сличностите и разликите во воспитно- образовните процеси на двете земји. Преку директна посета на часовите организирани од тамошниот наставно-стручен кадар, нашите наставници разменуваа идеи и разговараа за искуствата кои словенечките наставници ги стекнале при посета на училишта во Финска, Португалија и Јужна Кореја, а со цел имплементирање на истите во нивната секојдневна настава.
Она што доминира во словенечкиот образовен систем е умешноста на учениците да го развијат критичкиот став кон она што го учат. Преку најнови наставни техники и методи и со користење на современи наставни помагала, тие сами доаѓаат до суштината на индуктивното мислење наспроти фронталната настава. Оваа посета е почеток на низата средби и соработки помеѓу овие училишта кои ќе се остваруваат и во иднина.
Извор: www.ohrid.gov.mk |