Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СВЕЧЕНО ОДБЕЛЕЖАНИ ДЕНОТ НА СВ. КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ – ПАТРОНОТ НА ОХРИД
Untitled Document

Со низа свечености вчера и денес, се одбележува 1100 годишнината од упокојувањето на заштитникот на Охрид , „Св. Климент Охридски“. Во рамки на чествувањето, синоќа, се одржа Свечена академија во чест на Патронот, на кој беа доделени највисоките општински признанија, Наградата и Повелбата – Патрон на градот „Св. Климент Охридски“.

На манифестацијата поздравно обраќање имаше градоначалникот Никола Бакрачески.

Добредојдовте на настанот, со кој ги одбележуваме изминатите 11 векови под закрилата на ПАТРОНОТ- Св. Климент Охридски! Минатото е базна детерминанта на иднината! Вселенската хармонија кристализира премиса за поврзаноста на судбините на луѓето, сродни по определбата- животот да го посветат на МИСИЈАТА на благородноста. Флуидот кој ги привлекува себичните, бескрупулозните и на ним сличните, ја формира масата. Рамнотежно етерот, ги довикува гласовите на ретко умните- доблесни претставници на човечкиот род и ги вдахнува Богомилно,... А тие пак тивко,... но моќно, се издигнуваат кон исконски чистите предели. Таму светат, недопрени од времето, изворно инспирирајќи и потсетувајќи ги луѓето за делата на оној редок и жилав сој- луѓе кои избрале Богољубен живот! Да Св.Климет е наш прататко, да Св.Климент е наш патрон ! Со десната рака нè благословува, а во левата држи книга. Го држи најсилното оружје- ненасилието, изразено преку љубов, преку реч, преку добра мисла... Исцелува рамнодушност, поучува на добрина... Во книгата која ни ја дари, ги чува бисерите на Светиот Дух: „љубов, спокој, добрина, толерантност, кроткост, милосрдие, воздржаност, вера и радост“! Учителот.... го воздигна Охрид, во врвен образовен, културен и духовен центар.

Ни даде национална инспирација. Нè поучи на лична одговорност и преку сопствен пример ни го докажа постоењето на цврста индивидуална и морална структура. Светителот е нашата нитка со која се поврзуваме со Бога, патоказ кон духовната надградба, а  неговите дела се дел од културниот мозаик на Европа. „Тргај се од злото и прави добро“, премудро ни запиша и нè научи дека од морална пропаст нема спасение! Едноставно ни ги објасни и најсложените теолошки и етички прашања,  кодирајќи ги во нашата свест. Во неговото житие се вели: „Со сите сили тој се трудел да ја превозмогне рамнодушноста на народот спрема Божјите нешта...  особено да ја омекне жестокоста, суровоста и грубоста од нивните срца. Тој се трудел да ги измени мислите на луѓето кон КРОТКОСТ И ЧОВЕШТИНА“.

Создателот на Охридската книжевна школа, Првиот словенски универзитет и јазичното ни писмо ги довика своите ученици и од „добар корен“ ги израсна во „здрави фиданки“ чии гласови шепотат и денес во македонската колективна свест „да се надминете еден со друг со добрина“! Еден од нив кој го нарекуваат Храбар, во делото „За буквите“ или „О писменех“ ќе запише: „Македонските букви се посвети и се повеќе за почит, бидејќи се обработени од свет човек“! „Да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото Божјо и крвта без да имаме непријателства со никого, не да се сакаме со лицемерна љубов туку еден со друг да се почитуваме од срце за да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно“- нè поучуваат неговите зборови.  Св. Климент, нашиот прв епископ е еден од петочислениците меѓу кои се и неговите духовни браќа: Горазд, Наум, Сава и Ангелариј- ученици на Светите учители Кирил и Методиј... 

И како што етерот ги довикува ретко умните, така се дополнува и безвремената материја со имињата на Константин Преславски, Црноризец Храбар, Григор Прличев, браќата Миладиновци, Рајко Жинзифов, Крсте Петков Мисирков, Блаже Конески, Петре М. Андреевски и други кои пишувале, пишуваат и ќе пишуваат со перото на ПАТРОНОТ! На мајчиниот ни јазик наш,  еден и единствен – МАКЕДОНСКИ!  Тогаш, сега и за навек!  - рече градоначалникот Бакрачески.

Годинава Наградата за своите достигнувања ја доби музичкото училиште „Методи Патчев“, а Повелбата и беше доделена на охриѓанката Нина Балабан за успесите постигнати  во спортот.
Во име на добитниците се обрати директорката на музичкото училиште, Емилија Маринова.

 

Ми причинува голема чест што вечерва стојам пред овој почитуван аудиториум на свечената академија со која Охрид го одбележува празникот на својот заштитник, чудотворецот, духовен просветител и светец Климент Охридски, чии дела ден денес силно oдекнуваат како ехо низ овој древен град,  каде Св. Климент творел и го создал словото од кое се описменија многу нации. Уште поголема е честа да се прими наградата „Св. Климент Охридски – Патрон на Охрид“, највисокото признание што го доделува градот, дотолку повеќе што ја примам во име на ОМУ Методи Патче, институција која повеќе од пет децении е пример за успешно работење и која достојно ја репрезентира музичката култура преку младите кои штотуку почнале да навлегуваат во тајните на музичката уметност и бројните награди и признанија што тие во контунуитет ги освојуваат на домашни и меѓународни натпревари, но и преку докажани уметници кои патот до светската слава која ја имаат денес, го почнале токму од ОМУ Методи Патче, истакна Емилија Маринова.

Наградата и Повелбата ги додели градоначалникот Никола Бакрачески.

Свечената академија заврши со настап на Македонскиот камерен оркестар, проследен со видео анимации и хорот и рецитаторите од ОСУ „Св. Климент Охридски“.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1409  пати
Објавено на: 08.12.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©