Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИД ДОМАЌИН НА ВТОРАТА МЕЃУНАРОДНА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ
Untitled Document

Климатските промени се најзначајниот предизвик со кој се соочува човештвото во  21 –от век, затоа на национално и локално ниво  мора да бидеме подготвени и  да се прилагодуваме на промените, ова беше истакнато на втората по ред меѓународна  конференција за климатски промени   што  денес во Охрид ја отвори градоначалникот Никола Бакрачески во  присуство на амбасадорот на САД во Р. Македонија , Џес Бејли и министерот за животна средина и просторно планирање  Нурхан Изаири.

-Импресивен е бројот на учесници и изборот на темите на оваа меѓународна  средба  која е   добра можност за    потенцирање на негативните ефекти од климатските промени  кои пак  укажуваат на неопходноста  од   итно дејствување  и  спречување на лошото  неповратно влијание. Донесувачите на политики и одлуки се одговорни за сегашните, но и за  идните генерации . Да не заборавиме дека сегашноста е нешто кое го позајмуваме од  генерациите кои следат. Токму поради тоа, ваквите средби на кои се идентификуваат новите начини  за справување и ублажување на климатските промени  во урбаните заедници , како и средбите на кои се  поттикнува  процесот   за развојно планирање  и донесување  на одлуки на локално ниво , земајќи ги во предвид климатските фактори, се особено важни.  Би ја искористил оваа прилика да го искажам моето очекување за успешна имплементација на проектот на УСАИД  кој се спроведува во 10 општини во државава  а кој се однесува на креирање  локални стратегии   за климатски промени со примена на партиципативната методологија на Зелена Агенда.
  Верувајќи во моќта на знаењето ,убеден  сум дека сите правиме исти напори за интегрирање на мерки за намалување на јаглеродните емисии. Климатските промени наметнуваат потреба од еколошки иновативни пристапи и технологии во поддршка на економскиот развој и пораст.  Сите ние денес сме свесни дека одржливите развојни стратегии не се апстрактни концепти или желби. Тие  се клуч или патоказ за тоа како да се постапува одговорно на локално и  национално ниво и како истата одговорност да се споделува со другите околу нас -истакна во своето обраќање градоначалникот, Никола Бакрачески.

Амбасадорот на САД во Р. Македонија Џес Бејли истакна дека климатските промени се глобален проблем и дека ефективната акција на прилагодување на промените претпоставува и преземање на индивидуална одговорност и делување и на локално ниво.

Ние  мора да   дејствуваме и да се прилагодиме на климатските промени. Веќе на секој Континент луѓето се соочуваат со овие  промени кои во денешно време се поинтензивни и почести- време, што вклучува деструктивен ветер, дожд и град, долготрајна суша, ненадејни поплави, како и непредвидливи и атипични екстремни температури. Климатските промени покрај на економски план влијаат на човечкото здравје и безбедност, инфраструктурата, трговијата и земјоделството.   Затоа  треба да дејствуваме,  да се соочуваме со промените и да се прилагодуваме на нив, рече амбасадорот Бејли.     

Министерот за животна средина и просторно планирање  во Владата на Р. Македонија ,Нурхан Изаири потенцира дека прашањето на климатските промени покрај тоа што се вградува во релевантните стратешки , плански и програмски документи на национално ниво е неизбежен дел и во другите секторски политики и акции.

Размената на искуства и знаења со меѓународни активисти, експерти и практичари од областа на адаптацијата и митигацијата кон климатските промени, потоа со експерти за одржлив развој  и граѓански организации од државата и од регионот кои работат на полето на животната средина и одржливиот  развој  и на носителите на одлуки, е од особено значење за унапредување на активностите во областа. Од таа причина, очекувам оваа конференција да биде поттик за унапредување на регионалните врски  за соработка и генерирање  на идеи за здружени активности во справувањето со климатските промени како единствен начин за постигнување на националните, но и глобалните цели- подвлече министерот Изаири.

Втората меѓународна конференција за климатски промени ќе трае до 10 јуни а организатор на случувањето е организацијата „Милеуконтакт Македонија“  која што две години по ред успешно го спроведува проектот на УСАИД за општински стратегии за климатски промени што се имплементира во 10 општини во државава.    

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1365  пати
Објавено на: 08.06.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©