Заменик градоначалникот на Охрид, Анѓел Јанев синоќа присуствуваше на отворање на првиот филмски фестивал „Филмоција “ што до 10 април се одржува во просториите на „Институтот за филм- Филмска Академија Охрид“.
Во своето обраќање пред студентите кои се организатори на фестивалот и останатите присутни, Јанев истакна :
- По неполна година од отворањето на „Институтот за филм- Филмска академија Охрид“ , оваа јавна научна установа направила одлична проценка дека покрај редовните наставни активности, на младите им е потребно дружење и размена на искуства во областа на седмата уметност. Организирањето на првиот филмски фестивал, е вистински предизвик за студентите, професорите и менторите и публиката, но и за нас во Локалната самоуправа, бидејќи целосно бевме ангажирани и посветени на отворањето на оваа научна установа.Кога човек ќе застане пред Вас, има чувство дека сте преполни со творечка свежина, мотивираност и дека едвај чекате да ги добиете првите оценки за филмските остварувања. Во филмовите, секој на свој начин ја вградил својата креативност и потребната умешност, па затоа на крајниот заеднички производ му се радувате заедно.Охридската филмска академија е прилагодена согласно стандардите, принципите и долгата традиција на ФАМУ, престижната филмска и телевизиска школа од Прага. Славните мајстори на светската кинематографија од прашката школа како што се Милош Форман, Јиржи Менцел, Милан Кундера, Вацлав Хавел, Емир Кустурица и многу други, на оваа филмска академија и даваат посебност, а за сите Вас дополнителен поттик да одите по тешкиот пат кон совршенството во седмата уметност.Покрај филмовите, презентациите и дебатите, се надевам дека организаторот Ви оставил доволно време за дружење и забава во прекрасниот Охрид. Земете дел од убавините на градот на светлината и понесете убави впечатоци кои ќе Ви бидат инспирација за нови дела за следниот филмски фестивал –рече Јанев.
На дводневниот филмски фестивал со свои филмови ќе учествуваат студентите од Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип, Есра и Факултетот за драмски уметности од Скопје , Тетовскиот Универзитет и „Хасан Приштина“ од Косово.
Влезот за посетителите за сите фестивалски ноќи е слободен.
Извор: www.ohrid.gov.mk |