За прв пат во историјата на Охрид, благодарение на домаќинското работење на актуелната Локална власт , енормно големиот наследен општински долг од околу 35 милиони евра е намален, за 4 милиони евра. Градоначалникот Никола Бакрачески потенцира дека ова е за прв пат во историјата на општината долгот да се намалува а не да расте.
- Она што збирно можам да го кажам во овој момент е дека долгот на општина Охрид после година и пол раководење со оваа Локална самоуправа е намален за отприлика 246 милиони денари или околу 4 милиони евра и тоа е прв пат во историјата на општина Охрид за толку краток период да се намали долг за 4 милиони евра а веројатно и прв пат во историјата на Охрид долгот на општината да се намалува а не да расте“- истакна градоначалникот Бакрачески.
Бакрачески објасни дека воопшто не се пасивни во решавање на овој сериозен наследен проблем и дека се уште активно се преговара со компаниите и со физичките лица на кои што општина Охрид им должи и дека потпишуваат договори за повлекување на извршните решенија и откажување од каматите.
- Воопшто не сме пасивни во однос на справување со овој долг. Активно сме вклучени во преговори со компаниите и физичките лица на кои што општина Охрид им должи. Со дел од нив потпишавме договори за повлекување на извршните решенија . Добар дел од правните и физички лица на кои им должиме се откажаа од каматите кои што кажав дека се енормно високи а по основ на кои што долгот во изминативе години растел. Дел од нив се откажаа и од дел од основицата на долгот. Ние и понатака продолжуваме да преговараме со физичките и правните лица на кои што општина Охрид им должи. Имаме најави дека со уште една поголема група од овие субјекти ќе потпишеме договори со што значително ќе се намали долгот на општина Охрид, а во меѓувреме ние благодарение на домаќинското работење и градењето на една нова стратегија во одредување на приходната и расходната стапка на буџетот на општина Охрид успеавме да вратиме голем дел од тие обврски кои ги имавме наследено од претходните раководства“ - изјави Бакрачески.
Инаку, вкупниот долг кој што го наследи актуелната локална власт во Охрид, првично беше околу 33 милиони евра. Но во меѓувреме по стигнувањето на уште едно извршно решение од Министерството за финансии за неисплатени обврски од кредитот за обновување на водоводот од пред 10 – 15 години, кој што претходното раководство не сметало за обврска дека треба редовно да го исплаќа, долгот пораснал на 35 милиони евра. Во овој износ не се вклучени долговите на јавните претпријатија кои што исто така се милионски. Паралелно со враќањето на наследениот долг ,општина Охрид работи на стабилизација на јавните претпријатија и образовните институции во Охрид.. Досега, општината преку својот буџет до јавните претпријатија трансферира 66.164.413.00 денари. До основните училишта од својот буџет трансферира 16. 550. 645.00 а до средните 7. 910. 093. 00 денари. Преземени се активности за заштеда на трошоци на расходната страна на буџетот. Секаде каде што може направени се заштеди.
Извор: www.ohrid.gov.mk |