По неколкуте откажани туристички аранжмани, состојбата се стабилизира и нема нови откажувања, туку се потпишуваат и договори за наредната туристичка сезона. Ова беше потенцирано на денешниот работен појадок во хотелот „ Гранит“ , кој го организира Секторот за туризам и локален економски развој, а присуствуваа градоначалникот Никола Бакрачески и претставници на туристичкиот бизнис сектор.
-По најавите за откажување на неколку туристички аранжмани, на иницијатива на локалната самоуправа , пред три недели одржавме работен состанок со туристичките работници и се договоривме како брзо да реагираме. Со помош на министерствата за надворешни и внатрешни работи, како и министерството за економија, странските и нашите амбасади во земјите од каде доаѓаат странски туристи, успеавме да ја презентираме реалната состојба, потенцирајќи дека безбедноста е на високо ниво и дека нема причини да се откажуваат аранжманите. Паралелно преку нашиот Сектор за туризам и локален економски развој ја зајакнавме презентацијата на туристичката понуда на Охрид и успеавме нашиот град да биде се поприсутен во странските медиуми и специјализираните списанија.Таквиот пристап беше одлучувачки за подобрувањето на вкупниот имиџ на Република Македонија и Охрид, со што се приддонесе да нема откажувања на туристичките аранжмани-рече градоначалникот Никола Бакрачески.
Туристичките работници констатираа дека резултатите од тие активности се видливи и дека не само што не се откажуваат аранжмани, туку се потпишуваат нови договори за следните години. Од „ Фибула- травел“ соопштија дека нивниот партнер „ Корендон“ од Холандија вчера ги информирал дека со десетина хотели од охридско- струшкиот регион ќе бидат потпишани нови договори за следните три години, за носење туристи од земјите на Бенелукс.
На крајот на работниот појадок со туристичките работници беа усвоени заклучоци во кои се потенцира дека откажувањето на туристичките аранжмани за кус период е сведено на минимум, дека ќе продолжи склучувањето на договори за следните години, Република Македонија и Охрид се потврдуваат како атрактивна туристичка дестинација и дека ќе се интензивираат ваквите средби и во поширок состав со присуство на претставници на државни органи кои се поврзани со развојот на туризмот.
Извор: www.ohrid.gov.mk |