Во централната зграда на ОУ „Братство Единство“, вчера попладне се одржа промоција на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, кој се спроведе во соработка со општина Охрид. Поради долгата традиција на размената на искуства и како единствено мултикултурно училиште од охридскиот регион ОУ „Братство Единство“ е избрано да биде „Модел“ училиште во проектот на УСАИД.
Директорот на училиштето, Муамер Доко, на промоцијата на која учествуваа бројни гости, меѓу кои и заменик градоначалникот Ангел Јанев, цитирајќи ја мислата на Нелсон Мандела „Образованието е најмоќното оружје кое може да го искористиш за да го промениш светот“ посочи дека ОУ „Братство Единство“ е училиште пример кој треба да се искористи за изградба на добара соработка и добар соживот помеѓу заедниците со различни култури. Тој изрази благодарност од сите вработени кои несебично даваат придонес за училиштето да функционира беспрекорно.
Промоцијата беше збогатена со богата културно – уметничка програма и беа презентирани производите од мултикултурните работилници.
Проектот за меѓуетничка интеграција во образованието е четири годишна иницијатива која соработува со сите релевантни институции во процесот на етничкото интегрирање. Проектот работи на создавање политичка, социјална и економска клима потребна за да се постигне одржлива интеретничка интеграција во училиштата како и во целото општество. За остварување на оваа цел потребно беше свое учество во проектните активности да земат заинтересираните ученици од училиштето, заедницата и локалната власт.
Извор: www.ohrid.gov.mk |