Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ: ОПШТИНА ОХРИД ПОВЕЌЕ НЕМОЖЕ ДА ПОДНЕСЕ ИМПРОВИЗАЦИИ ВО СВОЈОТ РАЗВОЈ
Untitled Document

Поздравувајќи ги присутните на седницата а воедно и честитајќи им го изборот на новоизбраните членови  на Советот на општина Охрид и посакувајќи им успешна работа во идниот четиригодишен мандат, градоначалникот Никола Бакрачески рече:

Советот е орган на локалната самоуправа кој е од исклучително значење за функционирањето и развојот на општината. Заедно со функцијата Градоначалник, двата органа претставуваат фундамент на прогресот и системот на управување со општината. Токму од тие причини, од исклучително значење е носењето на одлуки во интерес на градот и граѓаните на општина Охрид, а заедничката соработка помеѓу Советот и Градоначалникот, ќе го детерминира идниот развој на нашата општина. Советот е место на размена и бранење на политички платформи и идеи, место на колектирање на гласот на граѓанинот и место каде што сопствената и политичката култура ќе биде препознаена како лична, но и како одраз на граѓаните кои не избрале. Затоа не смееме во одбраната на сопствениот или партискиот став и мислење, да излеземе од рамката која ни ја зацртаа граѓаните на општина Охрид, а таа е да ги застапуваме нивните интереси и да обезбедиме прогрес на општината.

Општина Охрид повеќе неможе да поднесе импровизации во својот развој. Поставувањето принципи на современо управување и донесување одлуки,  мора да имаат една и единствена цел- да одговорат на модерните форми на менаџирање со општината и да овозможат подигнување на квалитетот на живот на нашите граѓани. Затоа очекувам, сите предлози, програми и стратегии кои ќе бидат разгледувани и носени од овој Совет, секогаш да ја имаат, пред политичките и личните мотиви, основната цел за кои сите ние сме овде, а тоа е да ја оправдаме довербата на граѓаните од кои го црпиме мандатот и најдобро да ги искористиме идните четири години за да направиме добри дела за општината и нашите граѓани. Кога зборуваме за Охрид, тогаш не смееме да заборавиме дека тој не припаѓа само на охриѓани. Охрид е  чуварот на Македонската историја, духовност и култура, град заштитен од УНЕСКО како светско природно и културно наследство и затоа секогаш мора да имаме предвид дека нашите одлуки ќе се гледаат и оценуваат од една поширока заедница.

Локалните избори се веќе зад нас. Граѓаните на општина Охрид ги избраа своите претставници и ги формираа структурите на општинските органи. Пред нас сега доаѓаат четири години во кои секој од нас посебно, но и сите заедно, ќе оставиме белег на ова наше време, кое ќе биде забележено во долгата историја на овој град. Само од нас, од нашата професионалност, од нашата искреност, посветеност и чесност зависи дали тој белег ќе биде позитивен или не. Искрено очекувам дека ќе направиме дела после кои, сите ние по завршувањето на четири годишниот мандат ќе се чуствуваме горди на сработеното и достојни наследници на оние личности низ историјата, кои со својата посветеност и верба се впишале како градители на гордото минато на Охрид.

Почитувани членови на Советот на општина Охрид,

 

Oд денес започнува заедничката посветеност за просперитетот на општина Охрид. Да бидеме подготвени целосно да одговориме на задачите кои стојат пред нас. Да бидеме професионални, одговорни и искрени пред нашите граѓани. Да направиме се што е во наша можност и законска надлежност да ја оправдаме нивната доверба и да помогнеме секаде онаму каде што граѓаните имаат потреба од нашите одлуки. Зошто нема ништо по племенитито од тоа да се помогне на градот и на граѓаните кога имаат потреба од нас. Тоа како лекар најдобро го знам и многупати во мојот работен век досега сум го почуствувал.
Уште еднаш, Ви го честитам изборот за членови на Советот на општина Охрид и Ви посакувам многу успех на оваа одговорна функција.

Ви благодарам.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1246  пати
Објавено на: 08.04.13
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©