"Со огромна почит кон минатото и јасен поглед кон иднината, се
собравме вечерва заедно да го зацврстиме континуитетот на 23-ти октомври- Денот
на македонската револуционерна борба. Датум кој ги бранувал и вечно ќе ги
бранува срцата на сите Македонци како симбол на вековната борба за слобода.
Горди на визијата, храброста и пожртвуваноста на основачите МАКЕДОНСКАТА
РЕВОЛУЦИОНЕРНА БОРБА, вечерва уште еднаш силно го чувствуваме нивниот
слободарски дух. Чекориме сигурно по заветот што ни го оставија, завет кој се
темели на исконската желба за слобода на Македонија. Почнувајќи од 1893 година
се започна пишувањето на првите страници од славната македонска историја,
исполнета со крв и саможртва, пример врз кој се темелеа сите понатамошни
македонски востанија и револуции. Темел врз кој ќе се надградуваат идните
големи историски настани- Илинден 1903, 11 октомври 1941 година, АСНОМ 1944 и
8 септември 1991- денот на прогласувањето на независност на слободна и
демократска Република Македонија.
На 23-ти октомври, во 1893 година, во куќата на солунскиот книжар Иван Хаџи
Николов, се состана македонската интелигенција - д-р. Христо Татарчев, Даме
Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев и
ја основа „МАКЕДОНСКАТА РЕВОЛУЦИОНЕРНА ОРГАНИЗАЦИЈА“. Тој никулец на нашата
вековна историја, кој непрекинато ртеше и растеше, го менуваше неколку пати
своето име низ историјата, но секогаш беше „револуционерна“ и секогаш беше
„македонска“ .
„Организацијата треба да биде самостојна и независна, да нема никакви врски и
ангажмани со владите на соседните држави, за да не и влијаат и да не ја
обвинуваат дека е орудие на некоја од тие влади и со тоа да предизвикаат
противдејство од страна на другите соседни влади“- ќе рече Иван Хаџи Николов,
свесен дека во тогашните историски околности, слободата може да се избори само
со сопствени сили. На Македонската револуционерна организација и се
придружуваат уште десетици, стотици, илјадници следбеници, селани, даскали,
екими, учени луѓе, сите поробени но желни за слобода."Оној што копнее, што
работи да ја присоедини кон Бугарија или кон Грција, тој може да се мисли за
добар Бугарин или за добар Грк, но не и добар Македонец. Таквиот Бугарин или
Грк го поддржува и вечниот раздор меѓу балканските народи, кои треба да живеат
во братска дружба за да бидат пресреќни. Македонија им припаѓа на сите Македонци“ ќе забележи Гоце Делќев во едно од своите обраќања.
Длабоко уверен во
значењето на Илинденското востание, како можност за слобода на македонскиот
народ и основање на сопствена држава, Делчев ќе потсети и на делот од
Крушевскиот манифест кој се однесува на другите етнички заедници.„Македонија им
припаѓа на сите Македонци, без разлика на религијата, нацијата и јазиците, во
утрешна слободна Македонија и преку неа ќе се здружат сите балкански народи". Во
Македонската револуционерна борба се приклучуваат и бројни охриѓани кои
оставаат трајни белези во историјата полна со желба за слобода и независна
држава на македонскиот народ. Нивната пожртвуваност и посветеност кон
слободарското дело, најдобро може да се илустрира со писмото на војводата
Христо Узунов до својата мајка. „Маките на татковината се повеќе од сите
страданија на секоја наша мајка. И јас – без ни најмалку да те навредувам – се
чувствувам повеќе син на втората моја мајка – Македонија, отколку на тебе која
си ме родила. Те молам – во името пак на моите свети чувства кон тебе – да не
жалиш, ни да плачеш за мене.“ Овие зборови од писмото на Узунов, тогаш, но и
сега и овде , предизвикуваат силни чуства, а морници ви поминуваат по телото,
дамарите посилно удираат, а мислите ве враќаат кон едно време во кое поважна
била татковината од сопствениот живот. Многуте вакви примери се длабоко
врежани во колективната меморија на овој народ и преставуваат суштинска
инспирација низ нашата крвава историја, од кој ќе учат многу идни генерации во
слободна и независна Република Македонија."Македонија во минатото даде
великани, имиња кои ги изговараме со смирена благонаклоност и со стравопочит.
Македонија и сега создава големи по душа и неповторливи маченици и херои,
подготвени за самопожртвување, пред споменот или ликот на кои им симнуваме капа“ –ќе рече , по крвавото задушувањето на Илинденското востание, обединителот на
ВМРО Тодор Александров. Македонскиот народ, следејќи ги револуционерните и
слободарски традиции за независна македонска држава, ќе продолжи и во текот на
народно-ослободителната и антифашистичка борба, кога инспириран од херојското
илинденско минато, повторно застана во одбрана на идеалите поставени уште во
1893 година. Методија Андонов-Ченто, ќе ги постави тие идеали во врвот на
македонските политички интереси во повоениот период. Сведокот и учесникот во
двата Илиндена, Панко Брашнаров на Првото заседание на АСНОМ, ќе рече “....
животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се
сменија, но борбата на македонскиот народ не престана.” Во Манифестот на АСНОМ
ќе бидат потврдени визиите и целите на македонската револуционерна борба и ќе
бидат удрени темелите на самостојна Република Македонија , како прва слободна
македонска држава. “Од тешките борби и пролевената крв на најдобрите македонски
синови излегува денес првото Народно Собрание,тој симбол на твојата слобода и
изразител на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел слобода и изразител
на твојот суверенитет, и ја прокламира пред цел свет полната национална слобода
на македонскиот народ во ПРВАТА СЛОБОДНА МАКЕДОНСКА ДРЖАВА. Вековниот идеал на македонскиот народ се постигнува. За прв пат после Самоила македонскиот народ
створи своја собствена држава; за прв пат македонскиот народ ќе се осети во
Македонија како во своја кукја; за прв пат тој стана не дребна пара во сметките
на грабежливите сили, ами слободен народ во слободна држава. Това е најголемата
придобивка во историјата на нашиот народ, спечалена во гигантскиот
антифашистички фронт со крвта на најдобрите синови на Македонија и со помошта
на другите народи на Југославија, осигурена во нова, федеративна заедница на
народите на Југославија„. За жал дел од великите слободољубци како што се Методија Андонов-Ченто, Панко Брашнаров, Петре Пирузе-Мајски и други, завршија во затворите во Идрзово и на Голи Оток , со што уште еднаш се повторија дел од мрачните настани од македонската историја. Затоа ние, по прогласувањето на независност на Република Македонија целосно ги рехабилитиравме и им го вративме гордото место во македонската револуционерна борба за создавање сопствена
независна држава. Тоа е пример кој постојано треба да потсетува дека вистинската
иднина треба да се темели на вистинското минато.На 8 септември 1991 год., кога
го исполнивме заветот на Апостолите на Македонската револуционерна борба, на
ВМРО, на јунаците од Илинден и македонските патриоти од НОБ, конечно создадовме
самостојна и независна Република Македонија.
Длабоко свесни за значењето на
заветот на нашите слободољубиви предци мораме да потсетиме дека ниту еден
државен празник, не е празник на една политичка партија, еден етникум или една
верска конфесија. Одбележувањето на историските моменти кои се значаен дел од
историските движења на некој народ, претставуваат култура на почитување на
историјата.
Во денешниот цивилизиран свет соочени со предизвиците кои ги носи
наметнатиот и апсурден проблем со името на нашата татковина, успешно чекорејќи
кон европското семејство секогаш ќе одекнуваат зборовите на Борис Сарафов кој
на 12 април 1901 година за Лондонски Тајмс ќе изјави :Ние, додека сме живи мора да продолжиме да се бориме за совршенство, бидејќи слободата ја наследивме
од нашите предци. Ние Македонците се сметаме себеси за сосема одделен
национален елемент и ни најмалку не сме наклонети кон дозволување нашата земја
да биде заграбена од Бугарија, Србија или Грција. Впрочем, ние ќе се
спротивставиме на било какво здружување од тој тип со сета наша моќ. Македонија
мора да припадне на Македонците.
Ние , како генерација сме обврзани да го
почитуваме минатото и врз таа основа да ги воспитуваме и учиме новите
генерации. Ние сега имаме обврска да се грижиме за развојот на Охрид и
Република Македонија, да овозможиме подобар живот и стандард на граѓаните и
брз економски раст. Тоа е најважната битка која ни следи во идниот период и на
која сме силно фокусирани. Ги вложуваме сите наши напори да создадеме општество
кое ќе ги вреднува вистинските човечки квалитети. Тоа е нашиот долг и наша
одговорност кон историските фигури кои ги вградија своите животи во каузата за
независна Македонија. Борбата која и денес ја водиме за економски просперитет
полека но сигурно вродува со плод.
Почитувани присутни,Предците чие дело го славиме денес го исполнаа својот долг
кон татковината. Денеска е редот на нас. Само со чесен и искрен пристап ,
верба во себе и во иднината на овој град, упорно и посветено соочување со
предизвиците ќе ги добиваме битките денес, битки кои ќе значат повеќе работни
места, економски раст и стабилност , просперитетна иднина на градот. Бидете
уверени, овој град ќе оди напред, ќе оди напред заедно со сите вас.
Почитувани,
Со дејствувањето на Внатрешната Македонска Револуционерна Организација се роди
искра, која пак роди сонце. Сонце кое ги растера темните тирански и поробенички
облаци над бојадисаната со крв, македонска земја, за да осамне зора, светла
ЗОРА НА СЛОБОДАТА. Слобода, прескапо платена со крвта на нашите предци. Да ја
цениме и чуваме оваа слобода и достојно да им се оддолжиме на револуционерите,
вгнездувајќи го нивниот слободарски дух и саможртва за татковината во срцата на
секој од нас .
Нека ни е честит 23-ти Октомври!Уште долги години да ги чествуваме нивните дела
и да се радуваме на нивото херојство!Нека ние вечен празникот!И Боже Благослови
ни ја Македонија,и Благослови ни го овај град, Охрид!
Извор: www.ohrid.gov.mk |