Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
СТАВЕНИ ВО УПОТРЕБА РЕНОВИРАНИТЕ ПРОСТОРИИ ВО ОУ „ БРАТСТВО ЕДИНСТВО“
Untitled Document

Во Основното училиште „ Братство Единство“ денеска  беа ставени во употреба реновираните простории на училишните згради во  Крст џамија и  Лескајца , што е дел од проектот на УСАИД  за меѓуетничка интеграција во образованието, а се имплементира  преку Македонскиот центар за граѓанско образование.

На свеченоста, што се одржа во училишната зграда во Лескајца , лентата ја пресекоа и реновираните простории ги пуштија во употреба градоначалникот Никола Бакрачески, Дејвид Кокс од канцеларијата за одбрамбена соработка во амбасадата на САД во Република Македонија и Муарем Доко директор на ОУ „ Братство Единство“ .  

-Денеска, заедно ќе ги прославиме подобрените услови за нашите деца во училишната заедница. Придобивките од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието се големи и значајни за соживотот меѓу учениците и наставниците во училиштето, бидејќи со нив се овозможува надминување на предрасудите и стереотипите кои постојат. Се овозможува меѓусебна соработка, дружење и осознавање на културата на другата заедница. Поради ова, како градоначалник, упатувам голема и срдечна благодарност до мисијата на УСАИД и на ЕУКОМ  ( Европската команда на Американската војска ) за несебичната поддршка која ја даваат во насока на создавање поволна средина за еден современ воспитно-образовен процес-  рече  на свеченоста градоначалникот  Никола Бакрачески.

Претставникот на Канцеларијата за одбрамбена соработка во Амбасадата на САД во Република Македонија Дејвид Кокс, рече дека преку проектите на  УСАИД , американскиот народ од 2012 година   помогнал во реновирање на 35 училишта, а за годинава се планира помош уште за десет училишта. „ Вашето училиште има обучен тим за меѓуетничка интеграција во образованието и работи со користење на три наставни јазици- албански, македонски и турски“ – рече Дејвид Кокс. Тој додаде дека покрај за одвивање на проектот,  за ОУ „ Братство Единство“  за подобрување на условите за работа помогнале со околу 26.500 американски долари.

Инвестицијата за реновирање на училиштето изнесуваше 1.084.857,оо денари  од кои со 120.947,оо денари учествуваше општина Охрид , со ангажирање на Јавните претпријатија „ Комуналец“ и „ Градски гробишта“ .Според директорот на ОУ „ Братство Единство“ , Муамер  Доко во реализацијата на целокупниот  проект имало тесна соработка  со училишниот персонал, училишниот одбор, советот на родителите и Локалната самоуправа.

Во текот на свеченоста имаше презентација на работилниците за јазик и мултикултурни активности, пинг- понг и игри на бетон.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1298  пати
Објавено на: 29.04.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©