Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОПШТИНА ОХРИД СО ПОДДРШКА ЗА ФЕСТИВАЛОТ „ОХРИДСКО ЛЕТО“
Untitled Document

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески во присуство на  министерката за култура, Елизабета Канческа- Милеска , директорката на фестивалот „Охридско Лето“, Елизабета Јанкулоска и драмските и музички селектори на фестивалот се обрати на денешната  прес конференција што се одржа во новите простории на „Охридско лето“  а  по повод годинешното јубилејно  55 –то издание.

-  Ако се зборува за фестивалот „Охридско лето“ и неговото значење за градот Охрид, вистината е една , овој фестивал со светско реноме одамна станал препознатлив охридски но и македонски културен бренд. Денес, Фестивалот „Охридско лето“ претставува големо достоинство и исклучителна културна придобивка за Охрид и Р. Македонија. Тоа е  манифестација со која на најдостоинствен и најрепрезентативен начин и Охрид и Република Македонија можат да се претстават во Светот. Токму затоа што “Охридско лето“долги години  во континуитет, културно не издигнува и промовира на меѓународен план и носи бројни гости кај нас,  во исто време не прави бескрајно горди но и не обврзува да помагаме во креирањето на наредни  успешни фестивалски изданија. Кај нас  секогаш е присутна свеста за значењето на оваа врвна културна манифестација и во пресрет и исчекување на  55-то  фестивалско издание  можам да кажам дека и овој пат, општина Охрид,  во рамки на своите ингеренции  ќе  даде   максимална поддршка за негова успешна реализација.   Врз основа на јавен повик за финансирање  на програми и проекти од Јавен интерес, за годинешното издание на „Охридско лето“   од својот буџет  општина Охрид издвои  значителна сума пари.  Секако дека и годинава ќе дадеме апсолутна техничка и  логистичка поддршка во насока на уште едно успешно издание.  Се надевам дека општина Охрид, битно ќе допринесе во реализацијата на благородната мисија на  „Охридско лето“  во насока на  остварување  на рамноправен натпревар на сите врвни уметнички вредности, во намерата за остварување на новите визии со уште повисоки дострели во европските и светските културни простори. Денес може да се каже дека  Охрид и „Охридско лето“ се единствен склоп   бидејќи  град на светлината  каков што е Охрид не може  да биде без „Охридско лето“ , ниту  „Охридско лето“  можел да биде реномиран светски фестивал без културен град каков што е Охрид- истакна градоначалникот Бакрачески.   

Министерката за култура  на РМ, Елизабета Канческа- Милеска  во своето обраќање се осврна на свеченото отворање на годинешното фестивалско издание.  

Оваа година на наше големо задоволство, фестивалот ќе биде свечено отворен со големиот музички –сценски спектакл, „Кармина Бурана“ на Карл ОРФ, во изведна на светски познатиот ансамбл од Шпанија „Ла фура делс Баус“. Оваа еминентна компанија која во својата тридецениска историја бележи  стотици успешни настапи низ целиот  свет  и повеќе од 100.000 посетители, во 1992 година ги отвори олимписките игри во Барселона  а стручната јавности публиката со посебно внимание ги издвои  настапите на овој ансамбл во Шпанија, Франција, Холандија, Соединетите Американски  Држави-  рече министерката Канческа – Милеска , која укажа и на дел од  инвестициските зафати  во културата кои со поддршка од  Владата на РМ наредниов период ќе се реализираат   во Охрид.

До 2018 година согласно Програмата на Владата на РМ ќе ја завршиме и надградбата и реконструкцијата на објектот кој го користат Библиотеката,Центарот за култура „Григор Прличев“ и НУ „Охридско лето“, а верувам дека наредниот период ќе се реализираат и уште многу други иницијативи кои ќе ја збогатат културната понуда во градот Охрид – додаде министерката Канческа – Милеска. 

Директорката на фестивалот „Охридско Лето“, Елизабета Јанкуловска укажа на значењето  на новите простории кои од ова фестивалско издание почна да ги користи оваа реномирана  културна институција.

Верувајќи во визијата дека работниот простор е место каде треба убаво да се чувствувате и притоа максимално  работно да бидете ангажирани, од оваа јубилејна година ќе ве пречекуваме тука во овој простор уреден по дизајн на архитектот Кирил Илоски а во изведба на  тимот на фирмата МЗТ Инженеринг. Тука и формата и бојата се внимателно избрани да ја надополнат сликата на модерниот стил кон кој чекориме притоа чувајќи ја богатата фестивалска историја. Тука и уметноста умешно ја вклопивме преку делата на Кирче Стојоски. Благодарност и до Зора Инженеринг кој изминатиот период, додека се подготвуваше просторот, ни отстапи канцелариски простор за  да може фестивалот  непречено да функционира- посочи директорката Јанкулоска.

Организаторите ветуваат незаборавно 55-то фестивалско издание на „Охридско лето“ кое и годинава ќе се одржува од 12 јули  до  20 август на неколкуте препознатливи фестивалски  сцени  во Охрид.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1384  пати
Објавено на: 26.05.15
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©