Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ИЛЈАДНИЦИ ВЕРНИЦИ ЗА ВОДИЦИ ВО ОХРИД, МЕЃУ НИВ НАЈСРЕЌЕН ВАРОШАНЕЦОТ РУПЕВСКИ
Untitled Document

Над 20 000  верници, од земјава и странство, претставници од дипломатскиот кор, Владини делегати меѓу кои Претседателот на Македонската Влада, Никола Груевски, Претседателот на Собранието  Трајко Велјаноски, министри, пратеници и бројни охриѓани утрово го преплавија градското пристаниште , кејот  и плоштадот проследувајќи го чинот на осветување на езерските води и барање на чесниот крст.

Варошанецот Петар Рупевски беше најсреќниот , од над 1000 капачи: охриѓани, жители  на други македонски градови и странци кои во  езерските води  го бараа Чесниот Крст   тој прв успеа да стигне до него.  Ова е втор пат Чесниот Крст да се најде во рацете на 24 годишниот охриѓанец . 

-Чувството не може да се опише со зборови, исто како во 2005-та година кога прв пат го пронајдов . Се надевам дека оваа година ќе бидам посреќен, повесел, дека  година ќе ми биде побериќетна, истакна Рупевски.

Од годинешните кумови на манифестацијата, Градоначалникот Никола Бакрачески и бизнисменот Сашо Симески,   најсреќниот охриѓанец ќе добие дар -сребрен крст со позлата. Кумовите презадоволни од функцијата која деновиве ја имаат, тие денес  го честитаа празникот по повод јавувањето на Бог, на сите верници- христијани.

-Навистина ова е едно продуховено чувство кое што би посакал да го доживее секој охриѓанец и Македонец. Навистина кумството за Водици е чин на голема чест и привилегија  но и  чин на примање на посебни духовни вредности .Би ја искористил оваа прилика на сите граѓани на Охрид ,на Република Македонија и на сите гости кои што денес дојдоа да го проследат осветувањето на водите со Чесниот Крст да им посакам многу здравје , љубов во срцата и меѓусебно разбирање, сплотување и единство  на македонскиот народ и секако убавите мисли и добрите дела да не ги одминат во текот на целата година, рече  Градоначалникот, Никола Бакрачески во својство на кум за Водици.        

-Се чувствувам прекрасно ова е за мене голем ден. Можам да кажам и еден од најважните денови во досегашниот мој живот. За многу години на сите граѓани на Охрид, Македонија и посетителите кои се навистина во голем број, рече другиот кум  на случувањето, бизнисменот Сашо Симески.

Според организаторите Здружението за Афирмација на Македонската Православна Црква “Богојавчление“, Општина Охрид, Црвен Крст и Центарот за подводни истражувања “Амфора“, годинава се срушени сите рекорди во поглед на посетеноста на Охрид. Хотелските и ресторански објекти деновиве се преполни со гости кои по промотивни цени од само 12 евра по лице добиваат полу пансион, спиење и доручек  а по дисконтни цени се нудат и останатите услуги.  Денес бесплатно се служеше топла ракија и традиционалниот специјалитет пача. Инаку четири  дневните прослави по повод Богојавление – Водици привршуваат утре на денот на Рибарите со фрлање на бурето со вино во езерските води и групното капење закажано за 15 часот кај месноста Сараиште.     

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1265  пати
Објавено на: 19.01.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©