Денес со пригодна свеченост, градоначалникот Никола Бакрачески ги додели решенијата за општинските стипендии, за учениците и студентите од Охрид. Четврта година по ред, Општина Охрид ги поддржува и мотивира најдобрите ученици и студенти со доделување на стипендии, чиј број од година во година расте, како во бројот на корисници, така и во висината на издвоените финананиски средства од општинскиот буџет. Во своето обраќање, градоначалникот Бакрачески, истакна дека како одговорна локална власт и оваа година ја продолжуваме практиката да ги помагаме, поддржиме и мотивираме нашите ученици и студенти.
- Годинава го зголемивме бројот на стипендистите и износот на паричните средства. Верувам дека доделените средства иако не многу високи, добро ќе бидат искористени од ваша страна, а она што како порака сакам да ви ја испратам е дека ние знаеме да го цениме највредното кај вас ,а тоа е вашето знаење, труд и резултати. Верувам дека со иста посветеност како и досега ќе продолжите со надградување на вашите знаења, кои ќе бидат од полза пред се за вас, а се разбира и за пошироката заедница. Ние и во иднина секогаш ќе стоиме зад трудољубивите и талентирани ученици и студенти, како најдобра инвестиција за подобра иднина на нашиот град и земја – рече пред присутните градоначалникот Бакрачески.
За учениците од основните училишта општината додели 50 стипендии, а за средношколците 42, со вкупна вредност од еден милион двесте и четириесет и две илјади денари. Годинава осум студенти ќе бидат корисници на општинска стипендија, а за тоа се издвоени сто четириесет и четири илјади денари. Вкупно за сите стипендисти оваа година Општина Охрид издвои еден милион триста осумдесет и шест илјади денари, што претставува зголемување за 20 отсто во однос на минатата година.
Извор: www.ohrid.gov.mk |