Концесионерите на охридските плажи мора да ги почитуваат одредбите од договорот за закуп кој го потпишаа со општина Охрид, укажа денес градоначалникот Никола Бакрачески но и посочи дека Локалната секогаш ќе излезе во пресрет на нивните барања кои произлегуваат од договорот.
Согласно потпишаните договори за закуп, концесионерите на плажите се обврзани на почитување на јавниот ред и мир, поставување на урбана опрема на утврдена површина, почитување на работното време, уредно обележување на капалиштата, димензионирање на бројот на спасители зависно од големината на капалиштето, соодветен пристап на пловните објекти до плажите, соодветно користење на спортска опрема, слободен интернет пристап и други обврски.
Со цел уредни плажи и задоволни туристи, општина Охрид годинава нема да биде толерантна кон прекршителите на договорот кои со самиот чин на прекршување негативно влијаат на охридскиот туризам. Инспекциските служби ќе вршат постојано контроли на терен.
Уште еднаш сакам да истакнам дека во оваа летна сезона, општина Охрид ќе има нулта толеранција за прекршителите на договорот, односно за непочитување на одредбите кои ги обврзуваат концесионерите. На плажите ќе има постојан инспекциски надзор односно нема да биде поштеден ниту еден концесионер кој што нема да се придржува до договорот за користење на плажите. Согласно потпишувањето на договорот ние можеме истиот еднострано да го раскинеме и да ја деактивираме банкарската гаранција со оној концесионер кој не ги почитува одредбите пропишани во него. Постојани контроли ќе има во поглед на бучавоста како и почитување на одреденото работно време на плажите, потенцира градоначалникот Бакрачески
Инаку, вчера надлежните служби од општина Охрид заедно со локалниот и државниот инспекторат, претставници од Управата за јавни приходи,Капетанијата, Црвен Крст и МВР имаа координативна средба со концесионерите на охридските плажи на која се прецизираа обврските кои согласно договорот за закуп се однесуваат на концесионерите но беа сослушани и разгледани и нивните барањата и можностите во рамки на договореното истите да се реализираат . Двете страни ги разгледуваа сите можности во насока на беспрекорна организација на плажите во оваа летна туристичка сезона.
Извор: www.ohrid.gov.mk |