Со цел унапредување на угостителската и туристичката дејност во Охрид,градоначалникот Никола Бакрачески и стручните служби на Локалната самоуправа денеска остварија средба со угостителите од Охрид.
Иницијативата за свикување на ваква средба произлегува од потребата сите заедно да надминеме некои слабости кои според анкетите и евалуацијата на туристичката сезона за 2013 година ги спроведе Секторот ТЛЕР заедно со Факултетот за туризам и угостителсво кои преку презентација имаме можност да ги согледаме денеска – рече градоначалникот Бакрачески.
Секторот за туризам и локален економски развој при општина Охрид, заедно со Факултетот за туризам и угостителство, спроведоа анкета на значителен број испитаници, односно гости и туристи и во таа евалуација беше вметнат прашалник во кои беа наведени причините поради кои гостите доаѓаат во Охрид, начините на кои патуваат до Охрид, квалитетот на услугите кои ги добиваат и како го гледаат идниот развој на туризмот во Охрид.
-Нашата цел која исто така произлезе од евалуација на овие резултати е , по теркот на формирањето на Советот на градски татковци, кој всушност е економски совет на општина Охрид да формираме и работна група формирана од угостителите, претставници на општина Охрид и Факултетот за туризам и угостителство како научна установа со која преку заеднички настап ќе имаме можност да ги детектираме постоечките проблеми и да креираме најдобри можни решенија за унапредување на турзимот во Охрид – истакна градоначалникот Бакрачески.
Професорката Ангела Василевска од ФТУ, излагајќи ги резултатите од истражувањето што ги направи факултетот, посочи на неколку моменти:
Во овој момент сведоци сме дека секој угостителски објект наликува еден на друг. Понудата е речиси обична, секојдневна, најчесто на скара и наједноставни оброци. Воопшто нема специфична понуда како на пример специјалитет на денот, изнаоѓање на некои традиционални стари јадења коишто се уште не се афирмирани, внесување на некои локални производи во мало катче секојдневно, па дури и изготвување специјални понуди во угостителските објекти од типон на енергетски оброк или протеински оброк
Градоначалникот Бакрачески ја потенцира заложбата за проширување на туристичката понуда надвор од летната сезона, во кое проширување секако спаѓа и дочекот на Новата Година и одбележувањето на празникот Богојавленије - Водици.
Димитри Пендов, угостител од Охрид смета дека денешната иницијатива е одлична можност за организиран настап на еснафот и локалната самоуправа:
- Ова е убав почеток. Јас сметам дека и ние сме расположени за соработка. Заеднички да организираме што е можно поатрактивни настани со цел да ја збогатиме понудата и да привлечеме што поголем број туристи – истакна Пендов. Интерес за ова имаме и ние како поединци и бизнисмени, интерес има и општината и граѓаните на Охрид. Показател на најдобра ваква соработка е празникот Богојавлание, каде се вклучени сите структури и постигнавме одличен резултат, Охрид да е многу посетен за Водици. За годинава сеуште се координираме и ќе се потрудиме да го збогатиме празникот и со други настани за гостите да останат подолго во Охрид. Ќе работиме на тоа да понудиме широка програма за сите категории – додаде Пендов.
Извор: www.ohrid.gov.mk |