Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ГРАДОНАЧАЛНИКОТ БАКРАЧЕСКИ НА РАБОТНА СРЕДБА СО ВРВОТ НА МПЦ И МАНУ
Untitled Document

По минатонеделната конституивна седница  на Одборот за одбележување на 1 100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент -Охридски  што  се одржа во Скопје, а со која претседаваше претседателот на државава Ѓорге Иванов, денеска градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески го одржа првиот координативен состанок со врвот на МПЦ и МАНУ со цел да се утврдат првичните содржини на  централната манифестација на настанот - Свечената Академија што на 9 август ќе се одржи во Охрид.   
На  работната средба присуствуваа поглаварот на МПЦ г. г Стефан, митрополитот дебарско –кичевски, г. Тимотеј, претседателот на МАНУ, Таќи Фити и академиците, Владо Камбовски, Георги Старделов  и Цветан Грозданов.

На почетокот на средбата градоначалникот  Бакрачески  рече дека е почестен што  еминентните  претставници од МПЦ  и МАНУ  одлучиле  првиот координативн  состанок да се одржи  токму  во Охрид.
На  состанокот  се разговараше за првичните предвидени  содржини кои по повод 1 100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент ќе се одржат  на  Свечената академија  закажана за  9 август во Охрид.

Според  предвиденото, Свечената академија ќе се одржи  во вечерните  часови на Античкиот театар. Нејзина најава  ќе биде  Литијата на  црковни веледостојници од  Македонија и останатите православни земји ,охриѓани и  гости  а која е предвидено  да тргнува од црквата „Св. Богородица – Перивлепта“  во попладневните часови. Движејќи се низ охридските сокаци до гробот на Св. Климент кај Плаошник,  масата народ ќе ја пее „Тропарот “ посветена на светителот и просветител.  Најверојатно на гробот на Св. Климент ќе се одржи Панихида а  претседателите на академиите од православните земји ќе положат цвеќе.

Од Плаошник, литијата ќе се движи кон Античкиот театар каде ќе се одржи централната манифестација-Свечена академија на која ќе говорат претседателите на Академиите од словенските земји кои ќе бидат поканети да присуствувате на настанот. Најверојатно, во рамки на академијата ќе се изведе  ораториумот на Властимир Николовски, „Клименте“ и останатите два посветени на него.  Се планира  на академијата учество да  земат Македонската Филхармонија и Хорот при Македонската Опера и Балет а се предвидува и величествена сценографија која ќе прилега на овој голем настан.
Во рамки на одбележувањето на 1 100 годишнината од упокојувањето на Св. Климент  најверојатно во куќите  на Уранија и на Робевци ќе биде отворена изложбата посветена на Климент, која претходно во месец мај ќе биде изложена во Рим а во јуни во Скопје.
Градоначалникот Бакрачески на денешниот состанок го потврди она што пред една недела го кажа на конституивната седница во Скопје дека  Општина Охрид   максимално во рамки на своите можности и ингеренции  ќе ги помогне сите манифестации од обемната програма кои се планирани да се одржат во Охрид меѓу кои најзначајната, академијата закажана за 9 август годинава.

Носител на програмската содржина на  свечената академија во Охрид е МАНУ   со поддршка на  МПЦ  и Општина  Охрид. Во организацискиот дел  на локално ниво ќе помогнат и   Завод  и Музеј – Охрид, фестивалот Охридско Лето и  Филмската Академија.
Наредниот координативен состанок посветен на овој голем настан е закажан за наредната недела во Скопје.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1371  пати
Објавено на: 24.03.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©