Македонскиот пливач Томи Стефаноски е победник за 30 јубилеен Охридски пливачки маратон. Во фото финиш Стефаноски прв ја помина целта пред италијанецот Едуардо Сточино и бразилецот Евангелиста Матеус. Во женска конкуренција првите две места им припаднаа на руските пливачки Олга Козидуј и Дариа Килик, пред третопласираната Силвија Рибарева од Чешка.
На градското пристаниште маратонците пред голем број охриѓани и гости беа пречекани од покровителот на манифестацијата, претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов и градоначалникот Никола Бакрачески.
На годинешното издание на маратонот настапија 18 пливачи во машка и женска конкуренција, а одличјата на најдобрите им ги врачи претседателот Иванов на свечен кокел во хотелот Инекс. Наградниот фонд за маратонот е десет илјади американски долари.
Заменик градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев синоќа присуствуваше на официјалното затворање на 30 Охридски пливачки маратон и врачувањето на наградите за најдобрите пливачи во машка и женска конкуренција што го реализира покровителот на манифестацијата, Претседателот на државава д-р Ѓорге Иванов.
Во своето поздравно обраќање пред присутните заменик градоначалникот Јанев, истакна:
.... И по 62 години од првата пливачка трка и толку поминато време од „животот низ бранови“ на легендарните Климе Савин, Нико Нестор, Дики и Атина Бојаџи, Охридското Езеро останува во континуитет една од најпрестижните водени сцени во која силите ги одмеруваат најдобрите светски пливачки имиња....Подеднакво возвишено како пред 40 години кога првпат застанав на охридското пристаниште се чувствував и денес кога на целта ве дочекувавме вас. Драги Евгениј Поп Ацев, Томи Стефаноски, Александар Илиевски, Евангелиста Матеус, Пистор Симон, Гарсија Рита Ванеса, Викторија Мори и многу други,.. ви благодарам затоа што тоа чувство кај мене и кај останатиот дел од публиката го побудувате токму вие, затоа што со вашата енергичност и бестрашност вие ја пишувате приказната за Охридскиот Пливачки маратон. Го претворивте овој настан повеќе од спортски натпревар, затоа што преку пливањето и вложениот труд вие станавте симбол за човековата борба со ограничувањата на сопственото тело, борба со природата и поместување на границите на издржливоста.Велат дека во фер трката нема победници, има само најдобар меѓу најдобрите. Честитки упатувам до сите Вас, а особено до најдобриот, нашиот Томи Стефаноски. Ви благодарам што со вашиот цврст ентузијазам, енергичност и труд го поставивте Охридскиот пливачки маратон во центарот на светската спортска мапа и го означивте со пиететот на најпозната спортска манифестација кај нас.Преку вас, драги мои маратонот станува извонредна метафора на човечкиот живот и човековиот стремеж кон подобро и поуспешно. Вие сте олицетворение на цврста волја и желба за успех кој доаѓа само со долги подготовки и постојани напорни тренинзи. Ви посакувам многу здравје и успех во следните спортски натпревари и предизвици кои ве очекуваат и секако Ве поканувам, до година повторно да се видиме на Охридскиот пливачки маратон- подвлече Јанев.
Извор: www.ohrid.gov.mk |