Денес градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески имаше работна средба со потенцијални инвеститори од Русија со кои се разговараше на неколку теми.
Беа разгледани можностите да се инвестира во областа на земјоделството , односно да се откупува овошје со приоритет на охридската цреша која треба да го најде своето место на пазарите во Русија и Украина.
Се разговараше и за можностите да се инвестира во сферата на туризмот за што гостите покажаа интерес за изградба на хотели на атрактивни локации крај езерскиот брег. Русите беа информирани и за можноста за изградба на луксузен еколошки комплекс кој би имал систем на канали и мали езерца поврзани со Охридското Езеро. Притоа стана збор и за Скијачкиот Центар на планината Галичица за кој Општината веќе ја има изработено физибилити студијата и драф на мастер планот .Проектот е особено привлечен за инвеститорите затоа што оној кој ќе го добие тендерот за скијачкиот центар на Галичица, долгорочно ќе стопанисува со земјиштето од 11 хектари на самиот езерски брег сместено кај Градиште од каде е предвидено да започнува и ски центарот. Овој атрактивен крајбрежен дел е идеален за градба на луксузни хотели, вили и други туристички објекти.
Со гостите се разговараше и за сместувачки капацитети за деца како и за градба на болнички комплекси за рехабилитација покрај езеро.
Секако, на потенцијалните инвеститори им беа презентирани и поволните услови кои ги нуди општина Охрид во поглед на комуналиите односно намалување на давачките по тој основ за околу 5 % во однос на сегашната актуелна цена. Другата олеснителна опција за инвеститорите кои ќе градат во Охрид а ја нуди општината е продажба на земјиштето по едно евро за квадрат но притоа да се плаќа целосната сума за комуналии.
Гостите од Русија задоволни од средбата со Градоначалникот Бакрачески и за поволните можностите што за инвестирање ги нуди Општината попладнево беа на обиколка низ неколку локации во Охрид кои се погодни за инвестирање.
Извор: www.ohrid.gov.mk |