На пријателски односи и блиска соработка во повеќе општествени сфери се обврзаа Општина Охрид и австралискиот град Квинбиен, со спогодбата за соработка што денес во Охрид ја потпишаа градоначалниците на двата градови, Никола Бакрачески и Тим Оверал.
Непосредно пред потпишувањето на спогодбата за соработка, двајцата градоначалници Бакрачески и Оверал, заедно со претседателката на совет Гордана Коњановска имаа работна средба на која остварија плодна дискусија околу начините и модалитетите за идната соработка меѓу двата градови во повеќе општествени сфери. Беа разменети мислења и искуства за соработува во делот на културата со особен акцент на соработката во делот на туризмот како една од најбитните стопански гранки за Охрид. Се разговараше за можноста за соработка во сферата на образованието преку размена на студенти како и за одличните можности што нашите образовни институции ги нудат за меѓународна соработка, посебно во делот на развојот на компјутерски инженеринг и други ајти технологии. Беа разменети мислења и за соработка во делот на спортот со можност за формирање на крикет клубови во Охрид со што крикетот како еден од најпознатите австралиски спортови би се развил и кај нас. Се разговараше и за соработката меѓу бизнис заедниците на Квинбиен и Охрид , пред се во поглед на инвестирање во хотелски туризам и туристички комплекси како и за можноста да се носат странски односно австралиски турист во Охрид во рамки на европските турнеи.
Градоначалникот на Квинбиен ,Тим Оверал за прв пат доаѓа во Охрид и вели дека неколку дневниот престој во градов е краток за да се видат сите негови убавини и културни белези кои се единствени во Светов.
Охрид има пријателски односи со повеќе градови во Австралија ,а од 1981 година е збратимен со градот Волонгог, каде живеат најголем број македонски иселеници.
Извор: www.ohrid.gov.mk |