Градоначалникот, Никола Бакрачески денеска во Охрид, оствари средба со Амбасадорката на Австралија зa Република Македонија Јулија Фени, чие претставништво се наоѓа во Белград- Република Србија, и со почесниот конзул од Република Македонија во Австралија, Зоран Костовски.
Во опуштена атмосфера со кафе муабет, градоначалникот Бакрачески ги запозна своите гости со културно –историските обележја и убавини на Охрид кој поради своите специфичности долги години е под заштита на УНЕСКО. Се разгледуваа можностите за соработка меѓу охридскиот и универзитетот кој функционира во збратимениот град со Охрид, Волонгонг каде живеат и работат голем број Македонци при што беше потенцирано дека токму универзитетот во овој австралиски град стипендира голем број странски студенти и дека таа можност е добро да ја искористат и охридските студенти.
На средбата беа разменети мислења за јакнење на економската соработка, размена на искуства од областа на туризмот, привлекувањето на австралиски инвестиции, како и користење на финансиски средства од невладини организации. Се разговараше и за можностите што ги нуди Охрид за влез на хотели од висока категорија на крајбрежјето, како и за можностите за развој на здравствен туризам.
Градоначалникот Бакрачески истакна дека Општина Охрид ги прави сите напори и дека во тек е подготовката на планската документација за отворање на првата индустриска развојна зона во градов, со што ќе се зголеми заинтересираноста на странски инвеститори да инвестираат во охридскиот регион, а воедно со тоа ќе се створат услови за отворање голем број работни места, што е приоритетен ангажман на локалната власт во овој момент.
Во рамки на економското заживување наОхрид, градоначалникот Бакрачески, рече дека во градов се создадени сите предуслови за развој и инвестирање во многу области како земјоделството, производството на здрава храна, автомобилска индустрија и ИТ технологијата.
Во насока на културната соработка меѓу Македонија и Австралија , амбасадорката Фени покажа интерес во иднина ликовни изложби од австралиски уметници да се организираат и излагаат во убавиот Охрид, а пројави желба оваа година да присуствува и на отворањето на најпрестижната музичко - сценска манифестација во земјава фестивалот “ОхридскоЛето“.
На крајот од средбата двете страни најавија зацврстување на меѓусебните контакти кои ќе вродат подобра соработка меѓудвете земји во туристичката,образовната, културната и економската сфера.
Извор: www.ohrid.gov.mk |