На покана на кинескиот амбасадор во Република Македонија, Н.Е.Цуј Џивеи, делегација на Oпштина Охрид предводена од градоначалникот Никола Бакрачески, оствари работна средба на која беа разгледани можностите за инвестирање на кинеските фирми во Охрид.
За да го забрзаме економски развој, во програмата за Охрид предвидовме проекти за капитални инвестиции и креирање нови работни места. Покрај развојот на туризмот мора да водиме сметка и за развојот на индустријата – истакна градоначалникот Бакрачески.
ГрадоначалникотБакрачески, го запозна кинескиот амбасадор со потенцијалите и капацитетите со кои располага Охрид, а се осврна и на развојните програми за унапредување на економската состојба и тековните активности кои локалната власт ги остварува за подобрување на квалитетот на животот на своите граѓани.
Амбасадорот Цуј Џивеи го изрази задоволството од одличните политички односи меѓу двете пријателски земји и нагорниот тренд во економските релации.Н.Е. Џивеија ја потенцира подготвеноста на кинеските инвеститори да вложуваат во Охрид и за таа цел начелно е договорена посета на Далијан и стопанската комора на овој голем пристаништен град, од која се очекуваат конкретни економски резултати.Далијан, збратимениот град со Охрид, планира да помогне со донации во опремувањето на училиштата и пречистителните станици во нашиот град.Домаќините најавија дека постои заинтересираност и за отворање на современ кинески ресторан во Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |