Охрид успешно се справува со последиците од дводневното невреме проследено со обилни врнежи од дожд. Само за 12 часа, 95 отсто од критичните места се санирани и се надминати сите штети. Ова го заклучија Градоначалникот Никола Бакрачески , Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски и надлежните служби од локалната власт кои денес беа на обиколка низ повеќето поплавени локации во градот и околината. Беа посетени и критичните точки каде од вчера интензивно механизација врши чистење на одводните канали за да се спречат слични појави во иднина.
Градоначалникот Бакрачески кој и денеска и вчера неколку часа беше на терен вели дека со координирани активности на Локалната самоуправа, Владата, „Македонија пат“, јавните претпријатија и неколку приватни компании е интервенирано на сите места каде имаше поплави на цели региони и станбени објекти.
- Се интервенираше на сите оние места каде што имавме проблеми со поплавување на цели региони населени места и куќи. Во текот на вчерашниот и денешниот ден вклучително и по полноќ екипите беа максимално ангажирани и во однос на човечки ресурси и механизација. Работевме на сите речни корита на дренажни канали и одводи на потегот околу улица „Железничка“ којшто беше најзагрозен од поплавите. Се копаа и дополнителни одводи се со цел водата да се повлече од оние пред се населени места кои што беа поплавени. Се работеше на речното корито на „Коселска“ река на потегот од стариот пат Охрид – Струга па се до сливот во езерото. Понатака се работеше на каналот кај „Аџи Мустафа“ од улица „Гоце Делчев“ па се до поранешното стовариште на „Олимпија“. Работевме и на сите преостанати места коишто во текот на овие два дена се поплавија. Покрај прочистување на постоечките речни корита и каналите, прокопани се и нови дренажни канали , нови одводи. Во најголем дел од поплавните региони санирани се сите последици и ризиците и опасностите од понатамошно поплавување. Се надевам дека со овие активности и интервенции кои ги презедовме во делот на речните корита, дренажните канали и одводи би требало во наредниот период да имаме една постабилна состојба и ризиците од настанување на нови поплавувања се веќе предвидливи- рече градоначалникот Никола Бакрачески и подвлече дека исчистени се и сите одрони и свлечишта кои се појавија во текот на вчерашниот ден.
- Патиштата се проодни, вклучително и трите места на патниот правец Охрид – Св. Наум каде имавме наноси на песок и камења кај афтокампот „Елешец“ на влезот и во центарот на село Пештани. Се расчисти свлечиштето на патот помеѓу Горно и Долно Лакочереј а утрово се чистеа и одроните на патот помеѓу селата Елешец и Елшани -истакна градоначалникот Бакрачески.
Министерот за Транспорт и врски , Владо Мисајловски изрази уверување дека со подобрувањето на временските прилики во текот на денешниот ден ќе бидат санирани сите места погодени со поплавите. Во врска со вкупната хидролошка состојба во земјата Мисајловски рече дека не е критична, но со забелешка за пораст на водостојот на реката Вардар на потегот Удово - Демир Капија, како и на нивото на Црна Река.
- Будно ги следиме состојбите во рамки на Координативното тело за кризи, со цел се утврди што може да се очекува во иднина, со оглед на најавените повторни врнежи следниот викенд. Ќе препорачаме превентивни мерки до сите општини, за веднаш да се реагира доколку има потреба- рече министерот Мисајловски и нагласи дека дополнителна механизација е ангажирана на сите места каде се регистрирани свлечишта.
- Во некои општини има проблеми со одводните канали што ќе ги санираме заедно со локалните власти во текот на наредниот месец, за што Владата веќе обезбеди по 700 литри гориво за ангажираната механизација исклучиво за таа намена- додаде Мисајловски.
Жителите од поплавените населби денес изразија задоволство од брзото дејствување на надлежните служби .
- Жител сум на оваа населба која настрада од поплавите.По нашата дојава уште вчера утро на лице место пристигна градоначалникот Никола Бакрачески и надлежните институции. За краток временски период пристигнаа цистерни и механизација и како што можете да забележите штетите се санирани- вели Сеад Усеиноси од улица „Стив Наумов“ каде имаше неколку поплавени домаќинства.
До овој момент од поплавите во Охрид имаат настрадано 37 домаќинства . Во текот на вчерашниот ден во локалната самоуправа е направена посебна комисија за проценка на штети која прави увид и фото документација на терен. Во текот на оваа и наредната недела ќе се направи комплетна проценка на штетите и ќе се донесе одлука за обештетување. Сите граѓани кои беа погодени од невремето ќе бидат евидентирани , ќе се направи проценка на штета и во рамки на можностите истите ќе бидат обештетени.
Извор: www.ohrid.gov.mk |