Со пригодна свеченост, денес, Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и градоначалникот Никола Бакрачески го пуштија во употреба кружниот тек кој се наоѓа на пресекот од Булеварот Туристичка и ул. Бистрица.
Проектот за изградба на кружниот тек е вреден повеќе од 5 милиони денари и е од витално значење за Охрид и охриѓани затоа што обезбедува подобра регулација на сообраќајот.
Ризичната раскрсница за сообраќај ја уредивме по најсовремени стандарди. На новиот кружен тек поставена е хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација, а уредени се и тротоарите околу кружниот тек. Пешачката зона и разделените острови се хортикултурно уредени, рече градоначалникот Никола Бакрачески, во своето обраќање пред присутните и додаде дека Охрид полека но сигурно го враќа заборавениот сјај.
Во рамки на проект изградена е атмосферска канализација за одводнување на кружниот тек, а просторот добри и ново дополнително осветлување.
Овај проект за изградба на кружен тек е дел од проектите кои се реализираат со поддршка од Владата на Р. Македонија, а помогнати од Светска Банка. Исто така со владина поддршка е реконструиран и патот Елешец – Елшани, изграден е новиот водоводен систем со нов резервоар за вода во Елшани, понатака изградена е атмосферската канализација на улица „Ристо Чадо“, а во тек е изградбата на тротоарите од двете страни на улицата по што ќе следи нејзина комплетна реконструкција. Во завршна фаза е реконструкцијата на улицата „Питу Гули“, нова атмосферска канализација се постави на улиците „Сатеска“, „Трајче Трајчески“ и „Мича Гилиќ“, а во најскоро време ќе започне реконструкцијата на улицата „Илија Смически“ во Лескоец и изградбата на кружниот тек на пресекот на Булеварот „Туристичка“ со улицата „Македонски Просветители“.
Градиме и на други локации во Охрид. Заврши изградбата на најубавата и најатрактивната пешачка , велосипедска и патека за ролери од каналот „Студенчишта“ кон некогашниот хотел Парк, а наскоро ќе започне реализацијата на втората фаза од проектот што подразбира изградба на уште 400 метри. Општината веќе ги има дефинирано акционите планови за изградба на два нови крупни проекти во делот на инфраструктурата, додаде градоначалникот Бакрачески.
Покрај овие проекти создадени се потребните предуслови за реализација на затворениот зелен пазар, современата автобуска станица, домот за стари лица и затворениот пливачки базен.
Се радувам што можам да поздравам уште еден успешно реализиран проект во градот Охрид. Со изградбата на овај кружен тек на местото на старата раскрсница, Охрид добива уште едно сообраќајно решение кое по својот изглед и функционалност се карактеристика за модерен и голем град. Пред изградбата на овај кружен тек ова место, беше синоним на сообраќајни незгоди и голем број повредени учесници во сообраќајот, истакна Претседателот на Владата на Р. Македонија, Никола Груевски.
Тој додаде дека со реализацијата на ваквите проекти се оди чекор напред во подобрувањето на безбедноста на возачите, олеснувањето на самата комуникација во градот и се подобрува естетиката на градот.
Ваквите активности се во целосна корелација со нашите заложби како Влада, да придонесеме за севкупниот напредок на Охрид и охридскиот регион, во секое поле и во секоја област. За ваквите наши заложби говорат многу проекти кои до сега ги завршивме. Многу проекти кои се започнати и кои во иднина ќе се реализираат, рече Премиерот Груевски.
На крајот од неговото обраќање, Премиерот изрази благодарност до градоначалникот за вложениот напор околу реализацијата на проектите.
Дозволете да му честитам на градоначалникот за неговиот досегашен напор и успеси. Не е лесно да наследите општина со над 50 милиони евра долг, а истовремено со 50 илјади жители и притоа да туркате толку многу проекти. Знам дека очекувањата на многумина беа да бидат уште повеќе проекти, но можностите и реалностите се тие имајќи во предвид што наследи градоначалникот. Имајќи го тоа во предвид, тој со поддршка на Владата направи многу повеќе од возможното во овај период, потенцира премиерот Груевски кој изрази надеж дека за многу скоро повторно ќе дојде на пуштање во употреба и на другите инфраструктурни проекти кои се од големо значење за охриѓани.
По завршувањето на свеченоста, градоначалникот Бакрачески придружуван од директорите на Јавните претпријатија и одговорните лица од Локалната самоуправа во неговиот кабинет оствари средба со Премиерот Груевски.
Извор: www.ohrid.gov.mk |