Под наслов ,“Носталгија во црно-бели рамки“, на програмата на Охридско лето синоќа во Дирекцијата на Фестивалот беше отворена изложбата на фотографии од Зоран Вељаноски – Летра. Во прекрасно адаптираниот изложбен салон со стил за восхит, бројните гости, низ звуците на класичната музика, имаа прилика да ја видат приказната на велосипедот кој тргнува низ возбудливиот пат на Зоран Летра токму од тука, од Охрид.
,,Црно белиот свет кој ни го претставува е токму она што ја развива мислата и идејата за свет без граници кој што се раѓа во него а луѓето треба да го видат. Токму неговиот меѓупат не донесе до идејата за крштевање на просторот наш во галерија на Охридско лето,, -Ова е причината поради која Зоран Летра после десет години повторно е на фестивалската сцена на Охридско лето.
Според градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески фотографот Зоран Летра, со години пријатно не изненадува сите нас со неговите фотографии на кои го овековечи пред се нашиот Охрид и годините кои сите ние ги поминуваме во него но и надвор од него.
-Доколку се осврнеме конкретно на оваа изложба , а имајќи го во предвид фактот дека се работи за фотографии кои се настанати директно од негативи, можеме да заклучиме дека и тој факт не враќа носталгично кон времињата кога фотографиите не беа дигитални, не ги гледавме само на електронски уреди туку и во рамки поставени на ѕидовите во домовите , албумите, каталозите и списанијата ,рече Бакрачески. Според него токму оваа изложба има посебна вредност како едно уметничко фотографско богатство.
-Читајќи за изложбата во медиумите и материјалите кои претходно беа подготвени сватив дека во неа се изразени и чувства од различни животни периоди на Зоран Летра , и тоа беше сосема очекувано бидејќи како и сите други уметници кои нивниот внатрешен спокој или немир , радост или тага , симпатии , љубов или носталгија ги изразуваат преку нивните уметнички дела , така и Зоран ни доловува еден дел од него , преку овие уметнички фотографии во кои вечерва ќе уживаме сите ние и потајно во нас ќе се прашуваме што сака авторот да изрази преку избраните 33 дела кои ни ги презентира, рече охридскиот градоначалник прогласувајќи ја изложбата за отворена.
Претседателката на Советот на Општина Охрид Гордана Коњановска, овојпат во улога на пријател на Зоран Летра, познавач на неговото творештво, промовирајќи ја изложбата рече дека кога ќе се спомне Зоки Летра во Охрид недвосмислена е асоцијацијата на убава фотографија.
-Охриѓани непогрешливо го препознаваат неговиот сензибилитет за добра уметничка фотографија. Сенките на овие фотографии, помеѓу црното и белото, секогаш будат носталгија, предизвикуваат чувства, многу неверојатни приказни во светот на уметничката фотографија , рече Коњановска.
Во овој циклус фотографии од веќе препознатливиот фото-запис на Зоран Летра се исцедува носталгијата како сон отсонуван во црнобели рамки кој постојано се преобразува, се интенвизира и дејствува со лирскиот тон на виденото, почувствуваното, запаметеното. Токму таа интензивна лирика е она што возбудува во овој исклучителен црно бел мозаик кој отсликува една тивка меланхолија на нашите спомени, вели поетот Славе Ѓорѓо Димоски.
-Во фотографиите на Зоран Велјаноски Летра се чуствува одлика на голем истражувач. Но нема истражување без замисла. Живееме во време на интернет каде каде проблемите се решаваат со притискање на копче. Но нема нови откритија на археолозите без ископувања, не знам како уметниците би твореле ако немаат идеи или фотографите би работеле само со притискање на копцето на фотоапаратите. Мора да се истражува а Зоран ја има таа прекрасна особина, оценува академскиот сликар Славко Упевче.
Зоран Вељаноски – Летра е роден на 31 јули 1965 година во Охрид, Македонија. Со фотографија се занимава од најрана возраст. Високо образование завршил на Филмската Академија ЕСРА – Париз – Скопје - Њујорк, на Факултетот за сценски дизајн, катедра Фотографија. Магистерските студии ги продолжува на Институтот за Фотографија во Њујорк. Досега има 16 самостојни изложби во земјава и светот а учествувал и на повеќе групни изложби. Член е на претседателството на Фото сојуз на Македонија.
Извор: www.ohrid.gov.mk |