И покрај наследената тешката финансиска состојба и стариот возен парк, ЈП „Охридски комуналец“ во изминативе две години успеа да застане на здрави нозе- истакна на денешната средба со новинарите директорката на претпријатието, Елена Скрческа.
- Во текот на овие две години значително се подобрени перформансите во сите аспекти од работењето на претпријатието. Подобрена е профитабилноста - искажана преку добивката во 2013 година - 797.000 денари и во 2014 година - 955.000 денари; намалена е задолженоста на претпријатието, исплатени се обврски кон добавувачите во износ од 79.765.126 денари, како и обврски по извршни судски решенија во износ од 11.763.150 денари. Континуирано се врши редовно и навремено подмирување на сите доспеани обврски што влијаеше да се врати довербата кај нашите добавувачи и значително да се намалат трошоците за затезни камати и извршни судски решенија, потенцира Скрческа, посочувајќи дека континуирано се обрнува внимание на намалување на непродуктивните трошоци како што се репрезентација, телефонски услуги, реклама и пропаганда.
Претпријатието успешно ги реализира активностите во делот на јавна хигиена. Во последниве две години зголемен е физичкиот обем на подигање на смет споредено со претходните години.
- Во сите села наместо еднаш во неделата отпадот се подига два пати. Во летниот период од годината во сите продолжени , празнични викенди, во центарот на градот наместо два пати отпадот се подига три пати во денот. Во текот на 2013 година поставивме 100 плехани контејнери а во 2014 година поставивме 200 пластични контејнери со цел хигиената да е на повисоко ниво. Со помош на Локалната самоуправа преку Светска Банка и Министерството за финансии ќе се набават пет нови возила за подигање на смет и одржување на јавната хигиена .Во рамки на активностите на претпријатието е и селекција на хартија, пластика и стакло. Во соработка со Центарот за југозападниот плански регион добивме 75 канти за ситен отпад и една балирка за хартија и пластика, а преку проектот за меѓународна соработка со Албанија “, 40 контејнери за селекција на пластика и една балирка. Во тек е постапка за набавка на две возила за смет од 16м3 и два подземни контејнери преку Словенечката влада со учество на претпријатието од 50 % од вредноста на инвестицијата, подвлече Скрческа.
ЈП „Охридски комуналец“ во континуитет реализира низа проекти кои се во насока на чист и уреден Охрид
Извор: www.ohrid.gov.mk |