Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ВЕЛИЧЕСТВЕН ВОДОСВЕТ НА ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ЗА БОГОЈВЛЕНИЕ – ВОДИЦИ
Untitled Document

Во присуство на десетина илјади верници, денеска, на градското пристаниште , беа осветени водите на Охридското Езеро, црковно- народна манифестација која се одржува по повод чествувањето на големиот православен празник Богојавление- Водици.

Меѓу стотината верници кои утрово се фрлаа по Светиот крст во осветените води на Охридското Езеро, повторно најсреќен беше Петар Рупески од населбата Варош, кој годинава по четврти пат успеа прв да доплива до крстот.

- Во четири години трипати го фаќам крстот, заедно со мојата тајфа и од Варош ја продолжуваме традицијата. Минатата година беше една од најсреќните во мојот живот, посакувам на секој мој близок и на секој верник да му се случи таква среќа, рече Рупески по излегувањето од вода.

Како што беше најавено, среќниот фаќач на крстот од страна на Дебарско-кичевската епархија доби на подарок крст, а градоначалникот Никола Бакрачески во името на локалната самоуправа му врачи рачно изработена икона.

-Ја користам оваа прилика да му честитам на среќниот фаќач на крстот – Петар Рупе, којшто чинам по четврти пат го вади крстот од ладните води на Охридското езеро оваа година. Секако, би сакал да упатам честитки до сите православни христијани кои го чествуваат овој празник и до сите Македонци, со желби за среќа, добро здравје, мир и спокој во текот на целата година“- изјави Бакрачески. Градоначалникот додаде ,, Според охридската долговековна традиција, охриѓани го слават овој празник дома со своите роднини и пријатели и за гостите што ќе дојдат. Сите угостителски објекти за време на празникот служат топла ракија и вино, пача и други специјалитети. Голем дел од нив бесплатно ги служат, а останатите ги намалија цените од 15 до 50 проценти“.

Во осветените води на Охридското Езеро, денес, традиционално по седми пат, на Сараиште, се изврши групно крштевање на дванаесет верници од Охрид, како и други градови од земјава, но и од Мала Преспа.

Манифестацијата Богојавление-Водици беше во  организација на Општина Охрид во соработка со Дебарско- кичевската епархија, а со поддршка на јавните претпријатија, Црвен крст, нуркачкиот центар „Амфора“, како и фаќачите на Светиот крст од минатите години.
Утре, во месноста Сараиште, со почеток во 12 часот, свечено ќе биде одбележан Денот на рибарите, каде традиционално ќе биде поделена рибна чорба, греана ракија, пача и вино, а за забавата ќе се погрижи ансамбл ,,Билјана јуниор“.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1406  пати
Објавено на: 19.01.17
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©