Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОПШТИНА ОХРИД СО БРОЈНИ ПРОЕКТИ ЗА СОЦИЈАЛНО РАНЛИВИТЕ КАТЕГОРИИ ЛУЃЕ
Untitled Document

Општина Охрид  води сериозна социјална политика односно со низа  проекти  им помага на   социјално ранливите категории  луѓе.

Градоначалникот Никола Бакрачески  одговарајќи на новинарско прашање денес  се   осврна на  бројните социјални проекти кои ги реализира општина Охрид меѓу кои се, субвенционирањето  на дел од комуналните трошоци на социјално ранливите категории луѓе, стимулирањето  на наталитетот, стипендиите за ученици и студенти, бесплатните курсеви по англиски, германски јазик и информатика за студенти и невработени лица потоа,  помошта  за семејствата чии  домови биле опожарени  како и проектот  за поддршка на центарот за згрижување на лица со посебни потреби “Зраци“ .   

Општина Охрид   со 600 денари ќе  субвенционира одредени комунални трошоци на  социјално ранливите граѓани на Охрид  што тие ги имаат кон јавните   претпријатија “Комуналец“, Проаква, Ниско Градба и Градски гробишта.

 -Субвенционирањето ќе биде на месечна основа. Субвенцијата е  составена од следните  компоненти, покривање на трошоците за потрошена вода за пиење до 250 денари,покривање на трошоците за одведување на отпад до 150 денари, покривање на трошоците за одведување на отпадни и атмосферски води до 150 денари, покривање на трошоците за плаќање на гробна такса- гробарина до 50 денари за секој корисник на услугата, односно на субвенцијата. По претходно распишан оглас за субвенционирањето  се пријавија  332-ца  охриѓани, објасни градоначалникот Бакрачески кој во однос на проектот за стипендирање на талентирани ученици и студенти рече дека   општината прави  напори  од година во година бројот на добитници на оваа парична помош да расте.

- Овој проект го воведовме минатата година. Висината на стипендијата за учениците е  1500,00 денари  односно  за студентите  2000,00 денари месечно за период од  девет месеци во текот на  учебната  2014/2015 година . Оваа година  во однос на лани  ја прошириме листата на кандидати кои што ќе се стекнат со право за добивање на стипендија и тоа , 15 стипендии за основци, 20 за средношколци и 30 за студенти кои се запишани на факултетите во Република Македонија, потенцира градоначалникот Бакрачески  и додаде дека во насока на давање поддршка во интелектуалното усовршување на студентите   и невработените лица е воведен проектот  за бесплатни курсеви по англиски, германски јазик и информатика.

-Овој проект  се однесува   на невработени лица и студенти  во општина Охрид кои живеат во семејства со ниски месечни примања или се социјални случаи. Општината  предвиде  да додели  30  бесплатни курсеви по  англиски јазик, 30  бесплатни курсеви по германски јазик  и 30  бесплатни курсеви по информатика  во  учебната 2014/15 година. Износот за еден  курс  по англиски и германски јазик е 2 000 денари. Износот за еден курс по информатика е 1 500 денари, истакна градоначалникот Никола Бакрачески кој потсети дека општина Охрид    во рамки на своите можности максимално се залага за добро  функционирање и  решавање на проблемите со кои се соочуваат  работно ангажираните и згрижените  во  Центарот за лица со посебни потреби “Зраци“ .  Општина Охрид   заедно со UNDP ,работно ангажира лица во центарот  а   стави  и потопна   пупа   за одведување на  отпадни води . Исто така општината  од својот Буџет  издвои и средства  кои ќе бидат наменети за потребите на  згрижените лица.

Општина Охрид издвои   огромни средства односно во период од месец април 2013 година до месец декември 2014 година по основ опожарени објекти    исплати    2. 245. 771.00 денари.

-Со овој проект им  помогнавме на   семејствата чии домови  односно влезови во станбени згради  во изминативе неколку години биле  опожарени. Претходната локална власт за жал не ги исплатила овие средства иако за тоа била обврзана со одлука на Совет. Ние се потрудивме тие средства да бидат исплатени и доставени до лицата кои навистина имале потреба од нив,  рече градоначалникот Бакрачески, кој потсети  и на проектот со кој се стимулира наталитетот во Охрид.    

Проектот   значи  доделување  еднократна парична помош во износ од 5 000 денари за секое новороденче кое ќе се роди  во Охрид.

-Од почетокот односно од месец јануари 2014  до денес оваа парична помош е доделена на 385  мајки од Охрид, односно по овој основ Општината исплатила 1 милион 925 илјади денари, истакна Бакрачески. 

Во рамки на социјалната програма  Општината има предвидено и доделување на   пакети со храна  и дрва  за огрев  на ранливите категории луѓе.
Исто така  Локалната самоуправа  активно се вклучува со свои средства во хуманитарни акции кои ги реализира заедно со Црвен Крст - Охрид.

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1359  пати
Објавено на: 19.12.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©