Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ОХРИД АВИОНСКИ ПОВРЗАН СО БЕЛГРАД
Untitled Document

На традиционален начин со погача и воден мост денеска на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, беше дочекана првата група гости од Србија, кои пристигнаа со ново воспоставената авио линија Белград – Охрид.


Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески кој беше главниот иницијатор за воспоставување на оваа линија и кој со поддршка на Владата на Р. Македонија ги реализира првите преговори и работни средби со менаџментот на српската авио компанија  „Ер Србија“, на свечената церемонија  укажа  колку воспоставувањето на оваа линија е битна за градот Охрид.


-Нашите средби тука на аеродромот „Св. Апостол Павле“  кои зачестија и периодов сe сведоа на редовни –седмични  се доволна потврда дека вродија со плод нашите заложби за воспоставување нови  авио линии од и до Охрид што автоматски значи континуиран пораст на странските гости на охридската ривиера што мене ме прави особено среќен и горд како прв човек на градов. Плодот на нашата неколку месечна соработка по  континуираните преговори и работни состаноци  кои ние и Владата на Р. Македонија ги имавме изминатиов период со реномираната „Ер Србија“ е воспоставување на линијата од Белград до Охрид и обратно. Оваа авио линија од една страна  ќе биде  во интерес на развој на  туризмот  што би значело носење на туристи  од Србија но и од европските земји  со кои белградскиот аеродром  има конекции  како и носење гости од Соединетите Американски Држави ако се земе во предвид  фактот  дека  веќе пет пати неделно сообраќа авио линија Њујорк – Белград. Од друга страна  оваа   авио линија ќе биде значајна  за нашите граѓани кои ќе  ги користат поволните можности да патуваат од странските дестинации до дома и обратно преку белградскиот аеродром.  Трите директните авио линии: Охрид – Базел којашто е субвенционирана од Владата на Р. Македонија, Охрид- Лондон за која  општина Охрид издвои средства до 2018 година како и летовите од Охрид до Цирих донесоа многу гости од европските земји кај нас. Со  чартер летовите од Холандија  и од Израел ја враќаме  златната доба на охридскиот туризам. Тука не застануваме   веќе  на почетокот од идната недела стартува линијата  Брисел -  Охрид . Во наредниов период убеден сум дека сите заедно ќе откриваме нови хоризонти и ќе отвораме нови авио дестинации, а сето тоа во насока на развојот на туризмот и локалната економија- подвлече Бакрачески.


Генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски во своето обраќање посочи дека  со востановувањето на оваа линија се исполни едно од барањата на охриѓани.


-Кога претходно доаѓав во Охрид, охриѓани често ме застануваа низ чаршијата. Ми кажуваа дека српските гости кои имаат сличен менталитет на нашиов се едни од попосакуваните во градов и секогаш е добро кога расте нивниот број. Со воведувањето на оваа линија знаеме дека допринесуваме  тие да бидат побројни- рече Крстевски.


Генералниот менаџер за услуги во „Ер Србија“, Михаил  Јолтен истакна дека воведувањето на оваа авио линија ќе отвори нова врата во развојот на туризмот во преубавиот Охрид.


-         Охрид е извонредно нова дестинација  во нашата мрежа и второ седиште во Македонија по Скопје, каде летаме секојдневно. Уверени сме дека убавите православни цркви  на Охридското Езеро  и бројните други атракции и активности  кои овој град ги нуди ги привлекуваат нашите патници од Србија и од останатите делови од Југоисточна Европа. Туризмот е многу значаен за нашиот развој  како авио компанија, како и за развојот  за нашето општество, а истото важи и за Охрид и Р. Македонија. Оваа авио линија ќе отвори многу нови врати  за развој на туризмот  како и за зајакнување на трговските и работни размени, со што во поголема мера ќе се поврзат нашите две земји- потенцира Јолтен.


На настанот присуствуваа и амбасадорката на Македонија во Србија Вера Јовановска- Типко која исто така се залагаше за воспоставување на оваа авио линија и заменик амбасадорката на  Р. Србија во Р. Македонија, Ана Петровиќ. 


            Турбоелисните  авиони „АТР“ со по 66 седишта на оваа релација ќе сообраќаат три пати  седмично и тоа во понеделник, среда и петок што значи дека  секоја недела  до почетокот на октомври со овој лет кај нас ќе пристигнуваат по 400 патници.
.

 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1357  пати
Објавено на: 15.06.16
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©