На летната сцена Долни Сарај, синоќа, со настапот на ансамблот „ Танец“
,свечено беше отворен јубилејниот 55.Балкански фестивал на народни песни и
игри, на кој учествуваат фолклорни друштва од Македонија, Турција,
Австралија, Бугарија и Црна Гора. Фестивалот за отворен го прогласи
покровителот, претседателот на Собранието на Република Македонија Трајко
Вељаноски, а се обратија директорот на Центарот за култура „
Григор Прличев“ Горан Стојаноски и претседателката на Советот на општина
Охрид Гордана Коњаноска.
-И после 55 години, од овде, од прекрасниот амбиент на летната
сцена Долни Сарај, учесниците на фестивалот ќе упатуваат универзални
пораки за хуманизам, презентирање на сопствениот идентитет, јазикот,
културното наследство и иднината.Пораките ќе бидат уште посилни, зошто
се испраќаат од Охрид, светото место во кое со милениуми се напластувале
цивилизациските и културни белези на човечките достигнувања.
Колоритот на носиите, песната, играта и јазикот на многу народи, деновиве ќе
не разгалуваат и ќе создаваат амбиент во кој растреперуваат
срцата и се будат сите човекови сетила.Таквото суптилно преплетување на
културните вредности ќе го почуствуваат и бројните домашни , а посебно
странските туристи од речиси сите страни на светот, кои престојуваат
во Охрид. Балканскиот фестивал на народни песни и игри е нашиот вечен трезор
во кого грижливо се чуваат богатствата на песнопојната и играорната
традиција, не само на македонскиот, туку и на многу други народи. Тие,
фолклорни реткости со генерации се пренесувале од колено на
колено, се преплетувале и надополнувале и правеле вистински филиграни кои им
одолевале и им оддолеваат на сите притисоци на современото
живеење-рече претседателката на Советот на општина Охрид Гордана
Коњаноска.
На фестивалот вечерва ќе настапат ансамблите „Александар Македонски“ од
Мелбурн и „Гоце Делчев“ од Битола, како и КУД „Дримкол“ од Вевчани. На
фестивалската програма во сабота се ансамблите „Китка“ од Истибања и
„Македонски бисери“ од Австралија и фолклорниот ансамбл од Турција. На
затворањето на фестивалот, во недела, ќе настапат ансамблите „Пловдив“
од Бугарија, „Искра“ од Црна Гора и КУД „Отексфолк“ од Охрид.
Извор: www.ohrid.gov.mk |