Со купување на прехранбени производи за ранливите катогории на граѓани, градоначалникот Никола Бакрачески и неговите најблиски соработници, се вклучија во одбележувањето на 16 октомври, Светскиот ден на храната и неделата на борба против гладта.
Бакрачески во оваа пригода ги истакна програмите кои Општина Охрид и Советот ги реализираат во социјалната сфера, а посебно за оваа кампања истакна:
- Општина Охрид заедно со општинската организација на Црвениот Крст, по четврти пат се вклучи во кампањата, со цел да се подигне свесноста за солидаризирање и помагање на ранливите категории на граѓани. Ги повикувам сите граѓани активно да се вклучат во акцијата и барем за момент оваа категорија на граѓани да ги задоволат основните животни потреби. Ова е само мал дел од активностите што ги спроведуваме во текот на целата година. Во координација со Црвениот Крст, во текот на годината во повеќе наврати сме реагирале кога за тоа се јавило потреба за одредени семејства. Тука се и програмите за субвенционирање на дел од комуналните трошоци на граѓаните кон општинските јавни претпријатија, како и стипендиите за студенти и ученици чиј број од година во година постојано расте.
Претседателот на Црвен Крст Охрид, Сашо Точко го поздрави специфичниот пример кој го негува Општина Охрид и ги повика сите граѓани и фирми до крајот на кампањата активно да се вклучат во нејзиното спроведување.
Неделата на борба против гладта ќе трае до 22 октомври.
Извор: www.ohrid.gov.mk |