Со доделување на признанија за учесниците, синоќа заврши манифестацијата „Олтаимер ревиа Охрид 2015“ , на која учествуваа триесетина стари автомобили од Република Македонија и земјите од соседството. На овој атрактивен настан, кој се организира со поддршка на општина Охрид, се обрати и ги додели признанијата, заменик градоначалникот Ангел Јанев.
- Човек не може да остане равнодушен кога ќе ги погледне овие автомобили кои два дена дефилираат низ Охрид и ја разубавуваат вкупната туристичка атмосфера. Секој автомобил има своја приказна која не потсетува на минатите времиња, во кои многумина од нас не сме биле родени, но на нив се сеќаваме преку филмовите што сме ги гледале.
Особена почит кон сопствениците на овие убавици кои вложиле многу љубов, средства и труд, за да изгледаат вака и да се во возна состојба. Со оваа ревија на олтајмери, тие не потсетуваат колку е важно човек да биде посветен и упорен за да се грижи за својот миленик, кој е дел од неговиот или животот на оној од кого го наследил.
Искуствата покажуваат дека ваквите манифестации се магнет за привлекување на публика. Убеден сум дека и „ Олтаимер ревиа Охрид 2015“ ја исполни својата функција и беше атракција и за охриѓани и за бројните туристи кои престојуваат во нашиот град. Многумина ќе се фотографираат со олтајмерите, спомен кој постојано ќе ги потсетува на некое минато,споено со ова сегашно време.
Локалната самоуправа, која е поддржувач на оваа манифестација, Ве уверувам дека ќе продолжи со таквата практика, бидејќи сме свесни дека со збогатување на понудата, постојано ќе се зголемува бројот на домашните и странските туристи – рече заменик градоначалникот Ангел Јанев.
Триесетината стари автомобили можеа да се видат на градскиот кеј „ Македонија“ , на градскиот плоштад „ Чинар„ , како дел од саемот за вино и сирење, имаа ревијално возење од Охрид до Пештани, а за учесниците, сопствениците на олтајмерите, беа организирани неколку забави и заеднички дружења.
Извор: www.ohrid.gov.mk |