Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, денеска присуствуваше на свеченоста што по повод денот на пожарникарите се одржа во просториите на Територијалната противпожарна единица во Охрид .
Честитајќи го празникот, градоначалникот Бакрачески, им се заблагодари на пожарникарите за успешното справување со огнот во време на пожари .
- Вработените во Територијалната противпожарна единица во Охрид имаат покажано дека знаат и умеат да се справат со голем број предизвици. Во изминативе години тие го имаат дадено својот максимум во решавање на проблемите на терен во делот на гасење на пожари на јавни површини, домови и спасување на луѓе и имоти. Јас уште еднаш им го честитам денот на пожарникарите на Р. Македонија. На пожарникарите им посакувам што помалку работа и што подобра обученост и спремност да се справат со идните предизвици – рече градоначалникот Бакрачески.
Командирот на охридската противпожарна единица, Спасе Прентоски, истакна дека перманентно успешно ги вршат активностите во делот на заштита на пожарите. Тој повика, во превенцијата од пожари да помогнат сите засегнати страни, почнувајќи од граѓаните, индивидуалните домаќинства, фирмите.
Празникот на пожарникарите, денес започна со традиционалното дефиле на противпожарните возила низ охридските улици по што следеше показна вежба за дејствување на која особено се радуваа најмладите од детската градинка „Јасна Ристеска“.
Извор: www.ohrid.gov.mk |