Ohrid - City of UNESCO

Линкови

Почеток :: Останати вести
ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ИВАНОВ НА “СПОРТСКИОТ БОН-ТОН“ ВО ОХРИД
Untitled Document

Охрид денеска е домаќин на проектот  „Традиционални спортски игри (Спортски Бон-Тон)" со кој се опфатени шест општини од државава.  По тој повод  Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, како покровител на проектот   присуствуваше  на спортско -културната манифестација во Охрид.


 Според Иванов проектот е   со голем интерес  прифатен од младите кои преку него се дружат меѓу себе но ги осознаваат и убавините на нашава земја патувајќи од еден до друг град кој е опфатен со проектот.
 


Од реакциите што ги гледаме кај децата, навистина им годи да се потсетуваат на игрите на нивните родители и на нивните предци и да откриваат во секој град што го посетуваат која е специфична игра за тој град. Тоа е еден вид учење, другарување, запознавање меѓу себе, запознавање на децата, меѓутоа и запознавање на градовите кои ги посетуваат бидејќи во секој град домаќините подготвуваат и програма за да го покажат она што е нивна специфичност. Спортувајќи учат какви се правилата во спортот, какви се правилата во животот. Како се успева во животот и што секој треба да поседува за да стигне до својата цел. Децата учат дека секој треба да го почитува противникот и да ги почитува правилата на игра, но учат и за екологијата, за храната што е специфична во местото што го посетуваат, нагласи Претседателот Иванов.
 


Претседателката на Охридскиот совет, Гордана Коњаноска  во улога на домаќин изрази задоволство што Охрид е дел од проектот “Спортски Бон- Тон“.  


- Убедена сум дека со овој проект се промовираат и реафирмираат некои подзаборавени традиционални вредности преку спорт и игра надвор, како што е фер плеј, како што е посветеност на тимскиот успех, почитување на другите, меѓусебно разбирање и толеранција за оние кои што се поразлични. Исто така сум сигурна дека искуствата  од овој  проект ќе бидат добредојдени во наставата  пред се по физичко воспитување во образовните институции и во наставата воопшто. Општина Охрид прави постојано напори  да ги подобри условите во образовните институции особено во делот на спортот. Зад нас имаме повеќе успешни такви проекти и јас се надевам и сигурна сум дека ќе реализираме  и други кои што се планирани се со цел децата да ги потсетиме на вредностите како што се толеранција, меѓусебно разбирање, почитување и  фер релации во сите сфери од живото како што е спортот, истакна  Коњаноска.       
 


Координаторот на проектот ,  Иван Анастасовски  најави публикација за случувањето.


- Ќе направиме сериозни напори, сето ова што го гледате тука да го публикуваме на еден најквалитетен начин, да дадеме легенда за сите тие традиционални игри кои се подзаборавени во нашата држава зашто според мене, традицијата е таа која ќе не’ одржува во тој глобален свет и по која ќе не распознаваат од другите. Ние како организатори би биле најзадоволни ако таа публикација по завршувањето на проектот биде дисперзирана во сите општини, не само во општините кои се учеснички во проектот. Децата достигнаа одреден стадиум за тоа какви традиции имало на ова тло, изјави Анастасовски.
 

 


Целта на проектот е да се промовира Спортски бон-тон како модел на интегрирање на децата од школска возраст во системот на спортување, дружење, играње и нивно меѓусебно запознавање со нивните традиции, култури и обичаи. Проектот „Традиционални спортски игри (Спортски бон-тон)“ се реализира преку спортско-културни манифестации во општините Велес, Карпош, Маврово- Ростуше, Ново Село, Охрид и во Свети Николе.
Во 2013 година проектот „Социјална и етничка интеграција преку спортот (Спортски бон-тон)“ беше имплементиран во општините Валандово, Кавадарци, Росоман, Аеродром, Дебар, Центар Жупа и во Теарце, додека во 2012 година проектот „Спортот како фактор за толеранција, заедништво и почитување“ беше спроведен во општините Тетово, Прилеп, Центар, Старо Нагоричане, Шуто Оризари и во Врапчиште.


Проектот спортски „БОН ТОН“ се реализира од страна на геостратешкиот институт „Глобал“, а е под покровителство на претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов и е со финансиска поддршка на Амбасадата на САД во Р. Македонија.


 

Извор: www.ohrid.gov.mk

Прочитано:  1377  пати
Објавено на: 12.09.14
 

Copyright Општина Охрид - 2005. Сите права се задржани©