На спектакуларен начин со огномет, егзбиции со велосипеди, танцување, музика и најавување на екипите учесници, синоќа свечено беа отворени Осмите државни спортски игри на средните училишта од Република Македонија или популарната „Гимназијадата- 2014“ .
Ниту променливото време не ги спречи охриѓани и спортистите да уживаат во дефилето кое имаше олимписки шмек. Градскиот стадион „ Атина Бојаџи“ ечеше од громогласните аплаузи кои беа наменати за натпреварувачите.
„ Гимназијадата“ , за отворена ја прогласи секретарот на Општината Охрид, Димитар Спасески, кој им посака топло добредојде и успех на сите учесници на овој голем спортски настан.
-Наша задача и општествена одговорност е уште од рана возраст на децата да им обезбедиме услови да спортуваат и затоа го поддржуваме училишниот спорт. Заедно со Владата на Република Македонија и нејзините институции посветено работиме во изградба на училишни спортски сали, детски и маалски игралишта, а од оваа година со отворањето на две средношколски спортски паралелки сме дел од проектот Спортска академија.
Како најразвиен туристички центар во Република Македонија, Охрид континуирано создава услови за развој и на спортскиот туризам. Во спортско- рекреативниот центар „Билјанини извори“ градиме ново фудбалско игралиште со вештачка трева, завршуваат постапките за изградба на покриен пливачки базен, а на „Галичица“ ќе никне нов скијачки центар. Со овие и идните зафати ќе бидеме подготвени за големи спортски настани и домаќини на познати спортски екипи, во кои, се надевам дека во иднина ќе настапуваат дел од учесниците на оваа „ Гимназијада“ - рече секретарот на Општина Охрид Димитар Спасески.
"Гимназијадата " , која е најголем спортски собир на средношколците во Република Македонија, ќе трае три дена, а на неа ќе учествуваат околу илјада ученици. Тие ќе се натпреваруваат во ракомет, кошарка, мал фудбал, фудбал, одбојка и атлетика, а најуспешните и најистакнатите учесници ќе бидат наградени со учество на седумдневни летни кампови.
Извор: www.ohrid.gov.mk |