Министерот за Внатрешни работи на Република Македонија, Митко Чавков, заедно со Директорите на Бирото за јавна безбедност Горанчо Савоски и на УБК Љупчо Андоноски, ја посетија општина Охрид и учестуваа во работата на седницата на Локалниот совет за превенција, со која раководеше градоначалникот Никола Бакрачески. Седницата беше посветена на безбедноста на престојната туристичка сезона, а беа презентирани информации за актуелната состојба и мерките кои ќе бидат преземени во текот на летото.
Градоначалникот Никола Бакрачески, изрази задоволство од присуството на министерот и неговите најблиски соработници во работата на Советот за превенција:
- Ова покажува дека Министерството за внатрешни работи посветува голема важност на безбедноста и јавниот ред во Охрид, пред и во текот на туристичката сезона што за нас како охриѓани и како локална самоуправа е од несомнено значење за градење на еден подобар имиџ на градот. Тоа подразбира поквалитетни услуги и позадоволни граѓани и гости кои што престојуваат во Охрид. Очекуваме после ваква широка координирана активност помеѓу сите субјекти, дека во оваа туристичка сезона ќе имаме највисоко ниво на постигнување на ред и мир, безбедност и организација на сите оние предвидени активности кои што чинат квалитетна туристичка сезона и задоволни гости. – рече Бакрачески.
Министерот Митко Чавков истакна дека посетата на Охрид е на лице место да се запознае со состојбите во градот и подвлече дека:
- Министерството за внатрешни работи е силно фокусирано на развивање на различни превентивни мерки и имплементацијата на истите, заедно со останатите чинители во општеството. Ние сме сигурни во едно дека, факторите и причините за различните облици на криминалитет и безбедносни појави се многуврсни и сметаме дека само со еден координиран мултисекторски пристап можеме да влијаеме на превенирање и на обезбедување на стабилна безбедност и стабилен јавен ред и мир. – подвлече Чавков.
Според податоците кои ги презентираше командирот на полициска станица од општа надлежност Дејан Додевски за првите 5 месеци од 2015 година, безбедносната состојба во Охрид може да се окарактеризира како поволна. Во сите аспекти на криминалитет имаме намалување на процентот на криминални дела и зголемување на ефикасноста на полицијата во откривањето и решавањето на кривични дела. Како поволна може да се оцени и безбедноста на патниот сообрќај.
Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски информираше дека и ова лето, СВР Охрид, под мотото “Безбедна туристичка сезона – безбеден град“, подготвува мерки за беспрекорна безбедносна состојба за време на летниот период. Во соработка со велосипедските и мото клубови, ќе бидат формирани мешовити патроли од полициски службеници – велосипедисти и моторциклисти,а ќе бидат спроведени едукативни кампањи и проекти за поголема безбедност во сообраќајот, заштита од кражби на плажа и зголемена безбедност на вода.
Извор: www.ohrid.gov.mk |