Пред спомен обележјето во селото Велгошти, денес во организација на општина Охрид и Месната заедница од Велгошти, за прв пат свечено беше одбележана стогодишнината од Охридското востание. На одбележувањето на овој голем историски настан, кој од идеолошки причини бил заборавен и забрануван, делегации на општина Охрид, политички партии и здруженија на граѓани, на споменикот на загинатите во востанието положија свежо цвеќе. За значењето на Охридското востание, зборуваше секретарот на општина Охрид Димитар Спасески.
-Денеска со гордост, за прв, ја одбележуваме стогодишнината од Охридското востание и се потсетуваме на еден голем настан од македонската историја, кој за жал од идеолошки причини бил заборавен. Ваквите чествувања се наш долг кон историјата и долг кон оние кои ги дале животите за македонската кауза- рече Спасески.
На чело на Охридското востание застанале охридскиот војвода Петар Чаулев и стружанецот Милан Матов , брат на Христо Матов, чиј син присуствуваше на денешното чествување. Тоа било организирано во соработка со албанскиот револуционерен комитет, што всушност претставува и соединување на македонците и албанците , против тогашната српска окупаторска власт.
Востанието се случува во 1913 година, кога е потпишан Букурешкиот мировен договор и според историчарите е резултат на незадоволството на народот од потпишувањето на мировниот договор и претставува израз на револт кон големите сили поради нивното учество во потпишувањето на документот со кој е распарчена Македонија.
Извор: www.ohrid.gov.mk |